Министерот за внатрешни работи на Словенија поднесе оставка поради апсењето на министерот за економија

by fokus

Министерот за внатрешни работи на Словенија Алеш Хојс поднесе оставка во знак на протест поради апсењето на министерот за економија Здравко Почивалшек во врска со скандалот со набавка на респиратори за пациенти со ковид-19.

Хојс тврди дека истрагата е политички мотивирана и насочена против владата на Јанез Јанша. Освен Хојс, оставка даде и директорот на полицијата Антон Травнер.

Словенечките медиуми објавија дека бил извршен претрес во неколку куќи во рамките на истрагата на Националното биро за истраги против Почивалшек и останатите осомничени. Тие се обвинуваат дека при купувањето на респираторите и друга медицинска опрема биле фаворизирани одредени фирми, при што тие биле платени по превисока цена. Почивалшек беше пуштен од притвор по неколку часа.

„Ова е политички мотивирана истрага, што ја спроведуваат удбашко-партиски структури во полицијата“, кажа Хојс.

Јанша стана премиер во март откако претходната либерална влада поднесе оставка. Коментаторите во Словенија велат дека потегот на Хојс е инсцениран со цел Јанша да ги стави под своја контрола досега независните органи на власт.

Поврзани новости