Министерот за надворешни работи на Италија во посета на Македонија

by Fokus

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани.

Како што е наведено во соопштението од Министерството за надворешни работи, за време на разговорот се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и продлабочување на економската соработка, регионалната и мултилатералната соработка, како и за иднината на процесот на проширување на Европската Унија и поддршката од Италијанската Република за нашата земја.

Ќе се разговара и за можностите за дополнително зајакнување и интензивирање на секторската соработка во различни области.

Тајани во Скопје ќе допатува од Црна Гора, а посетата на двете држави, како што соопшти италијанската Амбасада во Скопје, е потврда на континуираната посветеност на Италија за развој, стабилност и стремеж за европската интеграција на регионот на Западен Балкан.

– Западен Балкан е приоритет на нашата надворешна политика на која посветуваме постојано внимание, исто така и на мултилатерално ниво, претседавајќи со групата „Пријатели на Западниот Балкан“, со која повторно ќе се сретнам во Њујорк за неколку дена, изјавил Тајани пред посетата на двете држави, додавајќи дека со мисиите и бизнис форумите што се одржуваат со сите земји од регионот се отвораат нови патишта за зајакнување на извозот и инвестициите на италијанските компании.

Покрај средбата со неговиот колега Муцунски, Тајани ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и со премиерот Христијан Мицкоски.

Поврзани новости