Министерот за економија Бесар Дурмиши синоќа потврди дека ќе се намали данокот на добивка од 10 на 5 проценти за компаниите кои остваруваат добивка од над 50 милиони евра годишно.
-Една од мерките кои ги најавивме како Влада е намалување на данокот на добивка од 10% на 5% за сите компании кои остваруваат добивка од над 50 милиони евра годишно. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата, изјави Дурмиши.
Ова претходно го најави и премиерот Христијан Мицкоски.
Поранешниот министер за правда од опозициската Алијанса за Албанците, Кренар Лога, коментира дека со ова ќе бидат наградени олигарсите.
-Олигарсите на Македонија ќе бидат наградени за поддршката што му ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори, со ветување дека ќе ја вратат државата за нив (деалбанизација). Ќе се намали данокот на добивка од 10% на 5% за компаниите со годишен профит над 50 милиони евра, со цел да се стимулира бизнисот, рече министерот за економија од ВЛЕН, кој служи на политиките на ВМРО. Корупција што ќе се легализира со закон, стои во неговата објава на ФБ.