Министерот за здравство Арбен Таравари утре ќе се сретне со Љупчо Пирганоски, татко на Јане (37), кој од својата 17-та година е во будна кома, а околу 17 години е хоспитализиран во прилепската болница.
Пирганоски молеше за средба со министерот, но и со сите надлежни од државните институции, со цел да му се помогне на неговиот син, да му биде одобрено лекување во клиничкиот центар Дубрава во Загреб. Тврди дека од таму добил ветувачки прогнози, од страна на неврохирургот Дарко Чуди, кој досега им помогнал на многу пациенти во слична состојба како Јане.
Со помош на операции за мозочна стимулација кои ги изведувал неврохирургот, Љупчо смета дека може да му се помогне и на неговиот син, но процедурата изнесувала околу 23.000 евра. Иако овие процедури се нешто ново кај нас, а истовремено за Јане нема конкретно лекување, туку момчето само го хранеле и одржувале во живот во прилепската болница, таткото не можел да го оствари правото да го однесе синот во Загреб, бидејќи Фондот за здравство не давал зелено светло.
Како што раскажа Пирганоски за „Фокус“, минатиот месец на телефонскиот број објавен на страницата за здравство закажал средба со министерот Таравари, бидејќи сакал лично да му ја појасни ситуацијата и да бара спас за неговото дете, односно државата да му даде шанса да се лекува во Загреб.
Но, до средбата не дошло, иако човекот од Прилеп допатувал во Скопје. По цел ден минат низ болничките ходници, му било кажано дека министерот не е таму.
Министерот Таравари пак, за „Фокус“ истакна дека секогаш е достапен за пациентите и нивните семејства, и единствено можело да се случи некој да не биде примен на разговор со него, доколку тој ден бил на терен.
– Нема човек кој е вратен од Министерството кога сум таму. Може да се случи единствено доколку сум бил во посета на некоја болница или на владина седница. Лично ќе го контактирам таткото на Јане и ќе договориме средба. Ќе направиме се што можеме за да му помогнеме, порача министерот.
Пирганоски потврди за „Фокус“ дека добил повик од министерството и дека утре треба да се сретне со министерот Таравари. Вели дека по долги години молби до институциите, средби со бројни министри, премиери, директори на клиники… конечно ќе добие конкретна помош за синот.
Уште еднаш потсети дека без оглед на тоа дали од Фондот за здравство процениле дека некое лекување на приватна клиника не е според медицина базирана на докази, кога веќе во земјава се исцрпени сите можности за лекување и спас на пациентите, треба да им се даде шанса.
– Медицината во светот оди напред. Не може да затвораме очи пред тој напредок, и за секој пациент, дури и да се минимални шансите за негово лекување или подобрување на состојбата, треба да се одобрат средства. Кога е живот во прашање, родителот ќе направи и ќе бара се за своето дете.
Штом кај нас не може, кога во друга земја има ветувачка прогноза, не смее да се дозволи да се чуваат пациенти овде, да се чека да им дојде судниот ден. Мора да се искористи секоја шанса, посебно поради податокот дека сите ние овде цел живот плаќаме здравствено осигурување.
Се надевам дека министерот Таравари како ќе има разбирање за состојбата и дека конечно, после дваесет години, нашата агонија ќе заврши, а син ми ќе добие шанса за излекување, изјави Пирганоски.
Вики Клинчарова