Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и новинарот Фуркан Салиу денеска на прес-конференција влегоа во вербален конфликт околу тоа што точно се случувало при вчерашното приведување на новинарот.
Според министерот Тошковски, Салиу бил на натпревар кој бил од висок ризик и како што објасни, според она што можел да го види од снимките, во најмала рака имало спречување на службено лице во вршење на службена должност од страна на новинарот.
„Според службените белешки двете службени лица велат дека имало физички напад, а од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност“, рече Тошковски.
Тој директно го праша Салиу кој присуствуваше на прес-конференцијата дали имал физички контакт со полицајците пред да го приведат?
Според Салиу, такво нешто немало ниту во еден момент, за што министерот рече дека Салиу „лаже“.
Салиу и претходно негираше дека нападнал полициски службеник и сметаше дека е уапсен затоа што снимал како „полицијата тепа недолжно момче на фудбалски натпревар“.
Фуркан Салиу на денешната прес-конференција го праша министерот Тошковски како е извршен претресот во автомобилот, во кој бил пронајден пиштол за кој има дозвола, без негово присуство.
Тошковски само кусо одговори дека е извршен преглед, но најави дека внатрешната контрола ќе го испитува и постапувањето на полицијата и дека целиот настан е снимен.