Луѓето кои што живеат во предели во кои има големо аерозагадување се соочени со зголемен ризик за предвремена смрт од Ковид-19, вели во интервју за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тој додава дека оваа теза неодамна ја изнел специјалниот известувач за човекови права и животна средина на ОН, Дејвид Бојд.
-Знаеме дека вирусот главно ги напаѓа белите дробови и аерозагадувањето ја влошува нивната состојба пропорционално на тоа колку се тие изложени на него. Дополнително, светските експерти го велат истото и мислам дека специјалниот известувач за човекови права и животна средина на ОН, г. Дејвид Бојд, предупреди дека луѓето кои што живеат во предели кои имаат искусено поголемо аерозагадување се соочени со зголемен ризик за предвремена смрт од Ковид-19, вели Нуредини за МИА.
Нагласува дека тој ја информира Владата за ова, но за жал, како што потенцира, не може да се смени минатото, но затоа може да се мисли на иднината при креирање на политички за заштита на животната средина.
Министерот вели дека полицискиот час го намали аерозагадувањето и сега Министерството за животна средина и просторно планирање има подобар увид за тоа колкав удел има транспортот во аерозагадувањето.
-Успеавме да ја увидиме разликата со и без транспорт, односно со намалувањето на бројот на возилата на коловозите, а знаеме и дека некои од големите инсталации не работат со полн капацитет. Сепак, додека ги вршевме анализите на податоците, забележливо беше дека вообичаениот тренд е поврзан со температурата и времето кога луѓето се дома. Што не доведува до прашањето за важноста на градењето на гасоводната мрежа и потребното понатамошно инвестирање во централно греење во големите градови, за да се избориме со тој дел од загадувањето кој се должи на загревањето на нашите домови и јавните згради, истакнува Нуредини.
Тој смета дека ефикасната тимска игра, која сега Владата ја покажа во справувањето со Ковид-19 може да послужи како пример во понатамошното решавање на проблемот со аерозагадувањето и воопшто во заштитата на животната средина.
-Она што треба да го направиме е да ги засилиме капацитетите на Министерството со повеќе експерти, да посветиме повеќе средства за животната средина и да дејствуваме сега за иднината. Во моментов Министерството работи на политики, но истовремено делува како агенција за предмети и дозволи. Мораме да креираме агенција за животна средина која ќе се занимава со ова, за да може Министерството да се концентрира на политиките и потребните инвестиции за да се заштити природното богатство кое треба да го оставиме на нашите деца, вели Нуредини.