„Ќе се изгради автопатско решение од Скопје до Блаце, но нема да реализирам криминал поради промените на трасата направени од претходната власт, за што граѓаните треба да платат 70 милиони евра повеќе“ рече денеска од собраниската говорница вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање поставено на оваа тема.
„Досега автопатско решение нема. Има два километри пат што никаде не почнува и никаде не завршува. Кога патувате од Приштина кон Скопје знаете дека тие два километри не се поврзуваат со постојниот автопат од другата страна на границата. Добро прашање е како ќе ги поврземе кога никаде не се спојуваат“, рече министерот.
Пред пратениците ги покажа документите, за кои рече дека по првпат излегуваат во јавноста, со кои се потврдува дека проектот намерно се одолговлекувал и се спроведувал на начин со цел една фирма да го добие тендерот за изградба на тунелите.
„Техничкиот консултант, компанијата ‘Суец’, што била избрана како техничка поддршка во изведба на автопатот Скопје – Блаце, преку писма го предупредувал поранешниот директор на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, дека трошоците за проектот пораснале од 172 на 240 милиони евра оти двапати се правела промена на проектната документација. Истата компанија предупредува дека тунелите се погрешно проектирани и не се проектирани согласно европските стандарди“ рече тој.
Николоски продолжи со излагање на содржината на документите:
„Во последниот документ од ‘Суец’ од септември годинава испратено до новиот директор Коце Трајановски се вели дека намерно тунелите се погрешно проектирани и не се според европските стандарди. Кога би имало тендер што би го распишал Рустеми, само една компанија може да го добие и да гради такви тунели. Но, ниту јас, ниту Коце, ниту премиерот, ниту ЕБРД не се наивни да финансираат криминал. И овие податоци не ги кажувам јас, туку ‘Суец‘, најголемата компанија што го градела Суецкиот канал“, вели Николоски.
Посочи дека компаниите „Јубај 2 Амет“, „Фрукта фрута“, „Кадис холдинг“ и „Атлантик ДООЕЛ“ се тие што ги купиле плацовите од физички лица каде што е предвидено да поминува трасата на автопатот, а плацовите биле препродавани дури неколкупати.