Министерот на полицијата бараше 15 милиони евра, за да ги добие „Ц-маркетите“!

by Фокус

Фељтонот за прв пат беше објавен во август 2010 година.  Ова е вториот дел од кривичната пријава на Станко Суботиќ против сите негови српски душмани, а на овој линк го имате првиот дел од фељтонот.

Под влијание на Воислав Коштуница беше создадена неформална и неофицијална група, под називот ЕЦ-експертска единица на Кабинетот на Председателот. Таа група ја сочинуваа членови на Кабинетот на Воислав Коштуница, како: Љиљана Недељковиќ, Александар Никитовиќ, Раде Булатовиќ, Градимир Налиќ, Александар Тијаниќ, Борис Беговиќ и Ацо Томиќ.

Член на таа група секако беше и Небојша Медојевиќ, кој соработуваше со многубројни медиуми кои беа во рацете на мафијата, вклучувајќи го и списанието „Идентитет“, кое беше под контрола на Земунската криминална организација.

На тој начин беше формирано злосторничкото здружение, на кое набрзо му станав една од главните жртви. Пред се, благодарејќи на соработката со Иво Пуканиќ, сопственикот на списанието „Национал“ од Загреб- Хрватска, тоа здружение нареди и овозможи публикување на серија написи, кои ме инкриминираа и ме опишуваа како кум на мафијата, кој стои на чело на шверцот со цигари и дека сум одговорен за бројни убиства кои се беа случиле во Србија и регионот во текот на изминатите години!

 

ПИСМО БЕЗ ПОТПИС ОД КАБИНЕТОТ НА КОШТУНИЦА

Тоа злосторничко здружение не се задоволи со плаќањето на текстовите кои беа полни со лаги, туку проследи и серија написи до амбасадата на Италија во Србија, во кои бев опишуван како шверцер, мафијашки шеф, па и убиец на бизнисменот Вања Бокан. Особено сериозно беше тоа што во таа пратка до италијанската амбасада беше даден на увид официјален документ.

ЕЦ- експертската единица на Кабинетот на Претседателот беше таа која се обрати до амбасадата на Италија со препорачано писмо на англиски јазик, испечатено на меморандум на Сојузна Република Југославија (доказ 23). Но, тој документ не беше потпишан и беше без официјален печат и референтен број.

Писмото било испратено по пат на факс од Кабинетот на Председателот на Сојузна Република Југославија со индикација на следниве броеви: +381 11 311 11 70, локал 2863, + 381 11 311 1027 и + 381 11 301 ХХ 92. Корисникот на тие броеви беше Александар Никитовиќ.

Мислејќи дека се работи за официјални документи на Сојузна Република Југославија, одобрени од страна на најголемите државни инстанци, амбасадата на Италија ги проследи документите до италијанските правосудни органи, како и до Европската канцеларија за борба против измама на Европската Комисија (ОЛАФ) (докази 24 и 25).

Тие ги проследија документите до истражните органи во Швајцарија , Франција и Лихтештајн, поточно во земјите каде што имам професионални активности. Врз основа на тие документи, се отворија повеќе истраги заради контрола на легалоста на моето работење.

После деталната истрага, Швајцарија, Франција и Лихтештајн дојдоа до заклучок дека моите бизниси се целосно легални и со тоа ги затворија истрагите кои беа водени против мене. Единствено италијанската процедура се уште е отворена.

На 10-ти ноември 2008 година поднесов кривична тужба за злоупотреба на власта од страна на државниот обвинител во Белград.

Од тогаш немав никакви вести во врска со мојата тужба. И покрај постојаното барањето на мојот адвокат од 14-ти мај 2009 година да добие податоци за статусот на мојата тужба и за превземените истражни дејствија, тој не доби никаков одговор.

Врз основа на споменатото, произлегува дека државното обвинителство ништо не превзело повеќе од една година и дека до сега не отворило истрага, ниту било каква истражувачка работа, ниту, пак, ја одбило тужбата, што би ми овозможило да ја користам како правен лек предвиден со законот.

 

УЦЕНА ОД СТРАНА НА РАТКО КНЕЖЕВИЌ

Во февруари 2001 година, новинарот Ратко Кнежевиќ ме контактираше и бараше да му исплатам 1.600.000 ДЕМ, затоа што тврдеше дека му ги должам по основ на бизниси направени во Црна Гора.

Ми се закани дека доколку не му го исплатам бараниот износ на пари, ќе шири лажни информации за мене во медиумите. Притоа додаде дека тие информации ќе ги достави до моите бизнис партнери во банките во странство со кои бев во контакт.

Ја одбив таа уцена и не му го исплатив бараниот износ на Ратко Кнежевиќ. После тоа, потпомогнат од страна на Иво Пуканиќ, Кнежевиќ започна да ги објавува лажните информации за мене.

Врз основа на тие факти, во обвнителството во Белград, поднесов кривична тужба за уцена против Ратко Кнежевиќ. Обвинителот отвори истрага која беше заведена под број КИ 635-03 (доказ 26). Бев сослушан во својство на оштетен, врз основа на што истражниот судија ги повика на сослушување Љубиша Буха Чуме и Благота Секулиќ во својство на сведоци.

Бидејќи Ратко Кнежевиќ ја одбиваше нотификацијата на судските покани, од причина што се криеше, истражниот судија распиша потерница против него и нареди негово апсење (доказ 27).

Меѓутоа, Кнежевиќ го избегна апсењето така што пребегна во Хрватска, а хрватските власти одбија да го испорачаат на српските власти.

После неколку години, веројатно по налог на злосторничкото здружение чиј член беше, Кнежевиќ беше сослушан во Хрватска, но, ниту јас, ниту мојот адвокат не бевме информирани за тоа. Тоа сослушување се одвиваше во потполна нелегалност и како што се очекуваше, мојата тужба беше затворена.

Во врска со ова, важно е да се напомене дека клучниот сведок на уцената требаше да биде Благота Секулиќ, но, тој беше убиен под неразјаснети околности неколку дена после отварањето на истрагата против Ратко Кнежевиќ. Тоа убиство до сега остана неразјаснето.

 

УЦЕНА ОД СТРАНА НА ВУК МИНИЌ

Во истиот тој период, Вук Волф Миниќ се придружи на злосторничкото здружение. Тоа лице, кое се претставуваше како Волф Миниќ, работеше за Јапан Тобако Интернационал (ЈТИ) и беше најмен од страна на Форензик Инвестигејшн Асосиејшн (ФИА), за да поведе истрага за шверцот со цигари.

Паралелно со тие активности, Вук Миниќ беше регрутиран од страна на Воислав Коштуница и Младен Динкиќ од Народната банка на Југославија, да го истражува наводното истекување на капитал за времето на ерата на Милошевиќ.

Првата цел на неговото ангажирање беше да ме уценува во врска со арбитражната процедура која ја иницирав во Женева против ЈТИ, која беше вредна повеќе од десетина милиони евра.

Со посредство на Вук Миниќ и ФИА, Младен Динкиќ ги оствари контактите со ЈТИ, кои неколку години после тоа, после именувањето за министер за финансии, создадоа услови ЈТИ да ја купи фабриката за тутун во Сента, благодарејќи на подршката од страна на Динкиќ.

Кон крајот на 2002 година, Вук Миниќ ме уцени и се обиде од мене да изнуди 2.000.000 ДЕМ. На мојот адвокат Владо Павичевиќ му назначил дека морам да го платам тој износ, доколку сакам нападите против мене да престанат, во кои беа изнесени обвинувања на моја сметка дека сум најголем шверцер на цигари во Србија.

Во споменатиот случај, доколку одбијам да платам, нападите ќе продолжат со засилено темпо.

Одбив да потпаднам на таа уцена и поднесов тужба против Вук Миниќ. После отворањето на кривичната процедура, Вук Миниќ го призна обидот за уцена и потврди дека постоел договор со новинарите да се води кампања против мене заради моја дискриминација (доказ 28).

Со пресудата, донесена од страна на Општинскиот суд во Белград на 21- ви ноември 2005 година, Вук Миниќ е прогласен за виновен за обид за уцена и беше осуден на казна од 40.000 динари (доказ 29).

 

ИНТЕРФЕРЕНЦИЈА НА ДОГОВОРОТ СО БАТ

На почетокот од 2001 година направив договор со компанијата Бритиш Американ Тобако (БАТ), која ми го додели во доверба мандатот да преговарам со Владата на Србија за отварање на фабрика на БАТ во Србија.

Тој проект имаше голема веројатност да успее, бидејќи се работеше за многу профитабилна работа, како за Република Србија, така и за БАТ. Тој проект имаше лична поддршка од страна на претседателот на владата Зоран Ѓинѓиќ, кому му беше особено важно, БАТ да инвестира во Србија со оглед на економското значење кое би го имала Србија.

Во тој момент, Воислав Коштуница и членовите на неговото злосторничкото здружение сфатија дека, доколку станат сојузници со ЈТИ, би можеле да предизвикаат овој проект да пропадне.

За таа цел ја искористија компанијата ФИА, Вук Миниќ и секако медиумите, за фабрикување на лажни докази против мене и Зоран Ѓинѓиќ, а за цел имаа да покажат дека ние сме биле вмешани во криминални активности (докази 30-35).

Врската помеѓу Вук Миниќ и Воислав Коштуница, исто така, беше потврдена со фактот дека канцеларијата на Вук Миниќ се наоѓаше во истата зграда како и станот на председателот Коштуница, на улица „Јевремова“, и со самото тоа беше под заштита на воената служба.

Се водеше голема медиумска кампања против мене и злосторничкото здружение повторно се послужи со Иво Пуканиќ, кој ме нападна преку своите написите објавени во Национал.

Поради сите тие медиумски напади, планираниот договор помеѓу БАТ и Република Србија не беше остварен и тој проект пропадна.

Евидентно беше дека тој неуспех е исклучиво резултат на пресијата од страна на ЈТИ, на која што и беше во интерес да ме компромитира во обидот да добие арбитражна процедура во Женева, каде што повеќе од десетина милиони евра беа во игра.

 

ФИНАНСИРАЊЕ НА ДЕМОКРАТСКАТА ПАРТИЈА

После политичките промени во Србија, во текот на 2000 година, прифатив да ја финансирам Демократската партија. Во почетокот на октомври 2000 година, отидов во просториите на Демократската партија во Белград со мојот швајцарски банкарски менаџер, каде што договоривме да отвориме сметка во Лихтештајн на име на една фондација.

На таа сметка уплатив износ од 5.000.000 американски долари, а сметката и беше оставена на располагање на Демократската партија. Исто така, на Демократската партија и го префрлив побарувањето од 2.000.000 ДЕМ, кое го имав кон компанијата „Комуна“, кое подоцна успеа да си го наплати.

После изборот на Борис Тадиќ за претседател на Србија, го сретнав во неколку наврати во кои го евоциравме постоењето на споменатата сметка. Борис Тадиќ изрази желба да организираме средба со Ружица Ѓинѓиќ, вдовицата на покојниот Зоран Ѓинѓиќ и со Срѓан Керим, за да разговараме за понатамошната судбина на парите кои се наоѓаа на сметката на фондацијата.

Во текот на разговорот, Ружица Ѓинѓиќ изрази желба да го прими во готово останатиот дел од парите кои беа на таа сметка, околу 1.300.000 евра, додека Борис Тадиќ потврди дека ДП го одобрува тој трансфер на пари.

И покрај тоа што тоа не беше во согласност со целите на фондацијата, немав друг избор, туку морав да го прифатам налогот од страна на председателот и износот од 1.300.000 евра беше предаден на Ружица Ѓинѓиќ во готово, во неколку исплати кои се вршеа од јануари до март 2007 година.

Оливера Илинчиќ, која во тоа време беше директорка во една од моите компании која се викаше „Футура Плус“, се занимаваше со таа операција.

Во тоа време, кривичната процедура која беше покренета против мене во Специјалниот суд, за која ќе пишувам подоцна, веќе беше во поодминат стадиум, бидејќи полициската истрага веќе беше завршена, па ниту Борис Тадиќ, ниту Ружица Ѓинѓиќ не можеше да не знаат за постоењето на таа процедура. Меѓутоа, тоа не ги спречи да ми бараат да им помогнам финансиски, или, пак, да ги примаат моите пари.

Во текот на целата таа прва фаза на постоењето на злосторничкото здружение, нападите пред се доаѓаа преку медиумите, додека злосторничкото здружение првенствено беше насочено да го сврти јавното мислење против мене и да врши разни облици на манипулација во обидот да ми изнудат пари.

Пред да стане претседател на владата во 2004 година, Воислав Коштуница ја немаше извршната власт над полицијата и судството, па, од тие причини медиумската пресија беше неговото најдобро оружје.

 

ТАЈНА ИСТРАГА

После убиството на Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, беше воведена вонредна ситуација, но, истовремено започна и полициската акција „Сабја“, која за цел имаше да спречи државен удар и да се откријат виновниците за убиството.

Душан Михајловиќ, кој тогаш беше министер за внатрешни работи, ја искористи таа полициска акција и нареди тајна истрага, која за цел имаше собирање на информации, кои тој подоцна би ги користел за уценување на луѓе како мене.

Таа истрага, наречена „Мрежа“, беше наменета за растурање на каналот на шверц со цигари. Истрагата беше дадена на одговорност на Миодраг Вуковиќ и требаше да остане тајна, дури и во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Душан Михајловиќ не го информира ниту Специјалниот обвинител за организиран криминал, во чија што компетенција се наоѓа давањето на наредба за таков вид на истрага.

Оваа нелегална истрага започна во јули 2003 година, односно, три месеци по атентатот на Ѓинѓиќ и беше спроведена со цел да му овозможи на Душан Михајловиќ да произведе доказ за злосторничкото здружение на Воислав Коштуница и да се избегне истрага, дури и акти на одмазда против себе.

Пред се, Душан Михајловиќ секогаш се истакнуваше со своите политички неверства. Прво беше близок со Слободан Милошевиќ и со членовите на неговата влада, а подоцна со својата политичка партија, Нова демократија, пристапи кон опозицијата, при што на крајот беше формирана коалициона влада помеѓу СПС, ЈУЛ и Нова демократија.

Кога сфати дека политичките денови на Милошевиќ се одбројани, Михајловиќ повторно ја промени политичката ориентација и се придружи на коалицијата ДОС, така што прво стана потпретседател на владата, а подоцна министер за внатрешни работи.

Избран заедно со Зоран Ѓинѓиќ, Михајловиќ стана министер за внатрешни работи и шеф на полицијата на 25-ти јануари 2001 година. Исто така, во доверба му беше дадена и контролата над „Црвените баретки“, но подоцна контролата над таа едница беше одземена од страна на председателот на владата Воислав Коштуница.

Душан Михајловиќ често пати беше во судир со Зоран Ѓинѓиќ, кој во повеќе наврати бараше од него да поднесе оставка. Секогаш беше близок со Воислав Коштуница, во чиј табор се придружи веднаш по убиството на Ѓинѓиќ. Владата ја напушти на 3-ти март 2004 година, после поразот на изборите.

Во текот на тајната истрага, Душан Михајловиќ исто така сакаше да ја консолидира сопствената позиција во новиот политички контекст, а, притоа, исто така, стана свесен дека може да оствари и лична материјална корист по пат на уценување луѓе.

Во текот на летото во 2003 година, додека сеуште беше министер за внатрешни работи и во текот на изборната кампања за парламентарните избори на кои што неговата партија настапуваше самостојно, Михајловиќ побара средба со мене.

За да се оствари таа средба, се обрати до нашиот заеднички пријател Владимир Поповиќ, од кого побара да му организира средба со мене, но не му објасни која ќе биде причината за средбата.

 

МИХАЈЛОВИЌ ПОБАРА ДА МУ ЈА ФИНАНСИРАМ ПАРТИЈАТА

После неколку неуспешни обиди, конечно се сретнав со Душан Михајловиќ во ноември 2003 година во седиштето на партијата Нова демократија-либерали, чиј претседател беше.

После неколку минути неформален разговор, Михајловиќ отворено ми побара да ја финансирам неговата партија во замена за неговото вредно пријателство, споменувајќи, при тоа, дека двајцата потекнуваме од ист регион во Србија и дека поради тоа би требало да се држиме еден до друг.

Го искористив моментот да го прашам, зошто некој е толку нестрплив да отвора истраги против мене во странство, а притоа да не се знае кој ги наредува тие работи?

Имав слушнато дека сум под полициска истрага, па го прашав дали тие гласини се точни и доколку се, му дадов до знаење дека сакам моето сведоштво да се чуе. Душан Михајловиќ ми кажа дека за прв пат слуша за таква истрага и дека единствено знае дека еден инспектор пишува книга за деведесеттите години и за шверцот со цигари.

Исто така, ми потврди дека немам причина за страв и инсистираше финансиски да му помогнам во неговата кампања. На крајот се согласив и уплатив 50.000 ЕУР на агенцијата која се занимаваше со неговата кампања.

Во јануари 2004 година, Душан Михајловиќ ме замоли итно да дојдам во Белград и да се сретнам со него. Се видовме во седиштето на приватната компанија „Лутра“ во Белград, во присуство на Владимир Поповиќ.

Михајловиќ ми врачи нацрт од извештајот на полициската акција „Мрежа“, кој беше означен како доверлив, како и повеќето графички прикажувања за шверцот на цигарите во периодот 1996-2000 година.

На мое изненадување, открив дека сум бил опфатен во извештајот и дека моја слика се наоѓа во еден графички приказ во врска со една од моите компании во Србија (доказ 36).

Михајловиќ се обиде да ме утеши, зборувајќи ми дека не би требало да се грижам за тоа, бидејќи инспекоторот Миодраг Вуковиќ, кој требало да напише книга, едноставно ја проширил истражувачката работа и дека пристапил кон полициската истрага, но дека министерството за правда знаело дека таа истрага не е ни малку сериозна.

Михајловиќ на состанокот дојде до заклучок дека повеќе би сакал да се сретне со мене, надвор од државата, со изговор дека ќе ми открие и други работи, ама, ете, тоа не можел да го направи во Србија.

Истиот момент сфатив дека Михајловиќ всушност подготвува досие против мене, па, со помош на Владимир Поповиќ успеав да договорам состанок со тогашниот министер за правда, Владан Батиќ.

Во текот на таа средба му го покажав документот кој ми го имаше дадено Душан Михајловиќ, прашувајќи го која е позицијата на правосудството во врска со споменатата истрага.

Министерот Батиќ ми одговори дека никогаш не слушнал за таа операција и дека правосудството исто така не било запознаето со неа.

 

И ГИ ПРЕДАДОВ ДОКУМЕНТИТЕ НА БРИТАНСКАТА СЛУЖБА

По моето враќање во Швајцарија ги информирав моите швајцарски и француски адвокати за ситуацијата, а подоцна заминав за Австрија, каде го предадов документот што го добив од Михајловиќ на еден агент од британската разузнавачка служба. Ги информирав дека Душан Михајловиќ сака да ме уценува.

Од негова страна, пак, Душан Михајловиќ ме побара неколку пати и инсистираше да се сретнеме во странство. Конечно се согласив и се сретнавме во Швајцарија, во хотелот „Долдер“ во Цирих.

Од самиот почеток, Михајловиќ ме предупреди дека нашиот состанок треба да остане тајна и дека никој не треба да знае дека сме во контакт, ниту нашиот заеднички пријател Владимир Поповиќ.

Михајловиќ ми врачи нов графички приказ од операцијата Мрежа, каде имав помала улога, за разлика од претходниот пат (доказ 37). Во тој нов графички приказ, главните виновници за шверцот со цигари беа Мирослав Мишколиќ, Мирко Вучуревиќ и други лица кои не ми беа блиски.

Михајловиќ ми ги предаде тие документи и ме праша: Кажи ми, земјаче, што е за тебе голем износ на пари? Овие документи би ти нанеле голема штета, ако се објават. Колку пари имаш ти?

Инвестираше во лозја, а сега ти предлагам да инвестираш таму каде што ние ќе ти кажеме.

Го прашав да ми каже кои се тоа „ние“ на што ми одговори:

За тебе имам предлог, а ти едноставно треба да ми кажеш колку пари имаш. Треба само да ми ги дадеш парите, а јас ќе се погрижам за останатото.

Го прашав за висината на инвестицијата која ја сакаше и за тоа кои гаранции ќе бидат понудени за инвестицијата, на што тој ми рече: Милион евра мораат веднаш да се дадат во готово. Ќе го направиш тоа, а ние ќе ти го подобриме имиџот.

Барав да добијам на време, објаснувајќи дека не можам да направам како што тој бара, бидејќи банката не дава толку лесно авторизација за подигање на толку високи парични средства.

Го прашав зошто инсистира да направам така, ако знае дека полицискиот извештај не е вистинит. Михајловиќ ми одговори:

Земјаче, многу ни е гајле што е вистинито и точно. Се смета она што може да биде!

Веднаш после тој состанок ја контактирав швајцарската и српската полиција, за да ги информирам за направената уцена и обидот за изнуда во кој јас бев жртва. Според нивниот совет, продолжив да контактирам со Душан Михајловиќ.

Тој поворно ме контактираше во февруари 2004 година. Прифатив средба со него во Париз, во канцеларијата на мојот адвокат Вероник Лартиг. На средбата, Михајловиќ дојде со голема торба која ја стави пред мене и ми рече дека во неа треба да го оставам она што беше договорено. Тогаш му реков дека нема да можам да подигнам толку пари од банката.

Михајловиќ го продолжи разговорот кој траеше со часови. Притоа ми објасни дека останатите станеле многу нервозни и дека наскоро нема да може повеќе да ја контролира ситуацијата.

После тоа го држев во верување дека ќе платам, но, дека ќе морам прво за зборувам со мојата банка во врска со потенцијалната инвестиција.

Ја искористив шансата да го прашам што се случи со полициската истрага од страна на Миодраг Вуковиќ, на што Михајловиќ само се насмеа. Ми повтори дека останатите се многу нервозни и дека ги чекаат парите веќе подолго време.

 

МИЛИОНИ ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ДОСИЕТО „МРЕЖА“

Успаев уште малку да го одложам датумот на исплата на парите, кажувајќи му дека не можам да подигнам толку многу пари на незаконски начин, надевајќи се дека ќе можам да добијам на време, заради собирање на докази за уцена и изнуда на која бев жртва.

После тој состанок, моите пријатели и членови на семејството почнаа да добиваат закани од страна на соработниците на Душан Михајловиќ.

На Михајловиќ му заврши функцијата министер поради формирањето на новата влада, но тој ме уверуваше дека заедно со неговоите блиски соработници ќе продолжи да се занимава со операцијата „Мрежа“.

Инсистираше дека постои само една важна работа на светот, а тоа е јас да платам, за да може тоа досие да се затвори.

Душан Михајловиќ закажа нова средба, овој пат во Марбел, Шпанија, во февруари 2004 година. Михајловиќ дојде заедно со Слободан Радуловиќ, директорот на „Ц-Маркет“.

„Ц-Маркет“ беше најважниот дистрибутивен синџир за продажаба на мало во Србија (60 отсто од пазарот).

Михајловиќ покажа интерес за таа компанија која беше во постапка на приватизација. Од мене бараше да му отстапам финансиски средства, кои му беа неопходни за купување на таа компанија, во износ од 15.000.000 евра.

Со други зборови, сакаше да ме уцени, за да може тој и неговите соучесници да станат сопственици на „Ц-Маркет“ без да платат ниту еден цент.

Го замолив да ми го покаже планот за приватизација на таа команија и му поставив неколку прашања, обидувајќи се да дознаам како ќе биде распределена сопственичката структура.

Михајловиќ се изнервира и ми рече дека се чуди дека јас сеуште не сфаќам дека едниствено е важно да му дадам пари. Слободан Радуловиќ, кој присуствуваше на состанокот, ми потврди дека парите му се итно неопходни. Му реков дека ќе пратам финансиски специјалисти во Белград и се договоривме Радуловиќ да ги прими. Всушност, мојата единствена цел беше да добијам во време и да се обидам да ја избегнам уцената.

Паралелно со тоа, медиумската кампања беснееше во Белград со сета сила и беа користени сите средстава за да се врши притисок врз мене.

На 8-ми мај 2004 година, бев повикан да учествувам на прославата во манастирот Соко-град. Тогаш се најдов пред Владиката Лаврентие и Душан Михајловиќ, а спроти него се наоѓаше новиот министер за полиција. После прославата, Михајловиќ ми рече дека апсолутно му е потребно да му ги предадам парите.

Од страв од полициски махинации, поради лажните докази кои беа фабрикувани против мене, на Михајловиќ му дадов 200.000 евра во готово.

Набргу, Михајловиќ повторно дојде во Франција со Слободан Радуловиќ за да се видат со мене. Започна да ми се заканува и да го повишува тонот, тврдејќи дека неодложно им требаат парите, дека сите се нервозни и дека тој повеќе не ќе може да ја контролира ситуацијата.

Го одбив и после таа средба прекинав секаков контакт со него, вклучувајќи го и тоа дека не одговарав на неговите телефонски јавувања. Михајловиќ започна да ми праќа заканувачки пораки.

 

КАМПАЊАТА ПРЕКИНА, БЛАГОДАРЕНИЕ НА БЕБА ПОПОВИЌ

Во текот на мојот престој во Уб, ми се јави и ми рече дека знае каде се наоѓам и дека ме чека веднаш да дојдам во црквата во Уб. Отидов на средбата, а Михајловиќ повторно ми се закануваше, тврдејќи ми дека наводно сум му ветил пари за „Ц-Маркет“ и дека не ги почитувам сопствените ветувања.

Инсистираше повторно да се сретнеме надвор од земјата. После таа средба, побарав состанок со УБПОК, која е специјална управа на полицијата која се занимава со борбата против организираниот криминал.

Шефот на таа специјална управа, Младен Спасиќ, прифати да се сретне со мене, но, под услов состанокот да се одржи надвор од канцеларијата, некаде во градот.

Состанокот беше одржан во присуство на Цицмил Милош, бизнисмен, кој ми го овозможи контакот со Младен Спасиќ и со неговниот дедо (татко на неговата сопруга).

Го раскажав целиот историјат за уцената и изнудата на пари, на која бев жртва од страна на Душан Михајловиќ. Спасиќ ми рече дека Михајловиќ е многу опасен човек и дека никој во УБПОК не знае за таа наводна полициска акција против шверцот на цигари.

Ми објасни дека мојата приказна одговара на вообичаената шема со која Душан Михајловиќ се служи за да ги уценува луѓето.

За краток временски период, после тој состанок дознав дека жената на Богиќ, на кого Младен Спасиќ му бил асистент, била вработена кај Вук Миниќ. Тогаш сфатив дека доколку тој се замеша, никогаш нема да добијам помош од УБПОК, ниту од Младен Спасиќ, и од тогаш повеќе не барав повторно да стапам во него со контакт.

Во септември 2004 година, Душан Михајловиќ повторно стапи во контакт со мене и се сретнавме во хотелот „Долдер“ во Цирих. Михајловиќ ми објасни дека целата кампања против мене е водена од страна на двајца инспектори на полицијата, Глушиќ и Пушиќ.

Тие собрале многу лажни документи и имале намера, со поддршка на обвинителот Павловиќ, да покренат кривична постапка против мене. Душан Михајловиќ ми се понуди да го оневозможи покренувањето на кривичната постапка, во замена за пари, барајќи од мене да се изјаснам колку сум подготвен да платам. Исто така, ми рече дека ми се лути поради „Ц- Маркет“ и дека ова ми е последна шанса да се извлечам.

Треба да се напомене дека, паралелно, на разните состаноци што ги имав со Душан Михајловиќ, тој исто така ме вознемируваше по телефон, а ми испрати десетина СМС пораки, чија содржина секој пат ја бележев (доказ 38).

Таа кампања на уцени и изнуда која ја водеше Душан Михајловиќ, конечно престана благодарение на интервенцијата на Владимир Поповиќ.

Тој го убедил Владан Батиќ да оди во компанијата на Душан Михајловиќ и да инсистира тој да прекине со своите дејствувања, укажувајќи му на тоа дека во спротивно јас лично ќе покренам кривична тужба против него.

(продолжува наредната сабота)

Поврзани новости