Министерот за финансии Фатмир Бесими денес е избран за полноправен член на глобалната Коалиција на министри за финансии за климатска акција, соопшти Министерството за финансии.
„Коалицијата претставува глобална иницијатива, во која членуваат министри за финансии на 90 држави и претставници на 26 институционални партнери. Коалицијата е основана во април 2019 година, со цел да се координираат активностите на министрите за финансии во насока на почитување на преземените обврски од Парискиот климатски договор и Хелсиншките принципи за климатска акција“, соопшти Министерството за финансии.
Од Министерството велат дека мисијата на Коалицијата е во целост компатибилна со Планот за забрзан раст 2022-2026 година, во кој една од приоритетните области е заштитата на животната средина, заедно со климатската акција. Фискалната стратегија 2023-2025 со изгледи до 2027 година, Програмата за економски реформи 2023-2025 година и другите стратешки документи на Владата и Министерството за финансии.
„Климатските промени се реалност, а поплавите, сушите, пожарите и другите природни непогоди бараат функционални системи за превенција и справување, коишто треба континуирано да бидат вградувани во буџетскиот процес. Исто така, Коалицијата има за цел да ја поттикне зелената транзиција, меѓу другото, и преку поголемо користење на обновливите извори на енергија и поголема заштита на погодените категории на граѓани и фирми“, соопшти Министерството за финансии.
Коалицијата е задолжена за координиран одговор на министрите за финансии, преку поголеми јавни инвестиции и мобилизирање на значаен приватен капитал за зголемување на адаптибилноста и отпорноста кон климатските промени.
Државите-членки на Коалицијата учествуваат со 40% во глобалната емисија на стакленички гасови и со 66% во светскиот бруто домашен производ