Не е предавство да ги сакаш земјите на другите, ѝ одговори министерката за труд и социјала на Грција, Ефи Ахциоглу на жена која ѝ дофрли дека „Македонија е грчка“ и „предавството нема да помине“.
На партискиот настан организиран од СИРИЗА во Солун, на кој одржа говор за работничките права, Ахциоглу даде изјава за медиумите и беше вербално нападната од една жена, додека одговараше на новинарско прашање поврзано со реакциите во Солун и Северна Грција поради Договорот од Преспа.
-Не гледам нешто такво денес. Се наоѓам во Солун, во срцето на Солун, рече грчката министерка за труд кога ја прекина една жена и ѝ дофрли дека наскоро ќе ги види реакциите.
-Македонија е грчка. Една е и грчка. Предавството нема да помине. Вистинските Македонци ќе се одмаздат. Македонија ќе се одмазди. Срам да ви е. Вие сте предавници, довикуваше жената.
-Не е предавство да ги сакаш земјите на другите. Не е предавство да не ги мразиш земјите на другите, смирено одговори Ахциоглу.
Претходно, во говорот, министерката за труд и социјала се осврна и на Договорот од Преспа, споменувајќи го и во контекст на „движечка сила и катализатор за внатрешно политичките случувања во Грција и во однос на перспективите што ги отвора за двете земји.
-Договорот од Преспа веќе им овозможува на двете земји да соработуваат за стабилност и заедничкиот развој, во регион кој скапо ги плати иредентизмот и национализмот, рекла Ахциоглу, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.
Воедно, упати критики до опозициската Нова демократија дека во македонското прашање „го допре дното и се идентификуваше до радикалната десница“.