Од денес 3 октомври од 12 часот е отворен системот за електронско пријавување на конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година.
Системот за пријавување ќе биде затворен на 6 ноември во 12 часот. И оваа година електронското пријавување целосно ќе се спроведува преку националниот портал за Е-услуги. Техничките упатства и поддршката при регистрирањето корисниците ќе можат да ги најдат на веб страната uslugi.gov.mk како и преку контакт центарот на овој национален портал, информираше министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата во Владата.
– Главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти, квалитет, иноватиност и креативност. Сакам да ви обрнам внимание на новините и промените што ги направивме во конкурсот за поддршка на проекти од национален и јавен интерес во културата за 2024 година. Веруваме дека истите ќе дадат дополнителен квалитет. Следејќи ги потребите и трендовите, Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма, креативни индустрии. Тоа значи дека во Предлог буџетот за 2024 година ќе се отвори нова програма со посебни финансиски средства. Условите, правилата и приоритетите за пријавување во новата програма за креативни индустрии се објавени на веб страната uslugi.gov.mk – потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа напомена дека дека овој посебен конкурс се однесува само на областите и активностите кои се дел од креативните индустрии кои не се опфатени со други конкурси и кои досега немале можност да бидат финансирани. Ако креативноста се потенцира како една од најважните вештини во промените во новото време, поттикнати од четвртата индустриска револуција, ние тој чекор мора да го фатиме.
Креативните индустрии стануваат важен двигател на економиите, креираат нови работни места, носат профит, носат и промотори на културниот идентитет.
– Сакам да потсетам и на фактот дека системот автоматски го препознава невниманието на корисниците на општите услови и правила со тоа со колку проекти можат да конкурираат по дејност. Ова го нагласувам да не се случи да пропаднат добри проекти поради невнимание. Решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти корисниците ќе ги добијат по електронски пат преку националниот портал за е-услуги, заклучи министерката.