На 8-ми март во петок со почеток во 12 часот ќе се одржи марш под слоганот „Дали е среќен 8 Март?“, а со поддршка за женските права. Маршот ќе започне од Жена Парк преку Плоштад Македонија, Камениот Мост, до плоштадот Филип Втори.
Организаторите велат дека барањата кои ќе бидат испратени се еднакви права за жените, еднаква плата, достоинствен живот и должно почитување.
Присуство на протестот најави и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„В петок по трет пат ќе маршираме под слоганот „Дали е среќен 8 Март?“ – за еднакви права, еднаква плата, достоинствен живот и должно почитување! Се гледаме на марш!“, напиша таа.
Зад маршот стојат десетина невладини организации и граѓански здруженија.
„Девојки, жени, мајки, сестри, баби, вработени, невработени, феминистки, активистки и сите оние кои сметаат дека женската борба за економска, политичка и социјална рамноправност е важна и сè уште трае! На 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост и подготвени за предизвиците кои ни престојат на нас, по трет пат маршираме под слоганот „Дали е среќен 8 Март?“, стои во најавата.