Децата се безбедни. Не треба да создаваме паника кај граѓаните дека децата не ни се безбедни. Убиството на Вања Ѓорчевска е изолиран случај и тоа вчера го потврдија и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски.
Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по учеството на тркалезна маса: „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ во организација на ОБСЕ.
„И министерот Спасовски и обвинителот вчера рекоа дека тоа е изолиран случај. Не треба да создаваме паника кај граѓаните дека децата не ни се безбедни. Децата се безбедни, меѓутоа токму и за тоа зборувавме и на панелот дека новото време носи нови предизвици. Развојот на ИТ-технологијата, социјалните мрежи, наместо да ја подобрат информираноста кај граѓаните, тие преку лажните вести, говорот на омраза создаваат проблеми кај менталното здравје кај голем дел од народот. Така што, како институции мора да се приспособиме на ова ново време, а и како МТСП во чија надлежност се децата. Сакам да ги уверам родителите дека децата се безбедни, безбедни се училиштата, безбедни се установите од предучилишно образование, тука се институциите да работат на уште поголема сигурност и на семејствата и на секој еден граѓанин во државата“ вели Тренчевска.