Министерката Шукова е против нови рудници во државата, утре ќе оди на протестот во Струмица

by Fokus

Министерката за животна средина Каја Шукова најави присуство на протестот против рудникот во Иловица, кој за утре е закажан во Струмица. Собирот е во организација на Иницијативата „Здрава котлина“, по веста дека Владата ги споила концесиите и дека е на повидок отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.

„Точно е дека Владата донесе одлука за спојување на концесиите. Тие две концесии веќе беа издадени, со ова немаше спојување на концесискиот отпад. Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го изразам мојот личен став, јас сум исто така против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој земјоделски крај, каде што треба да се развива земјоделството и каде што државата ги поддржува земјоделците, мислам дека тоа треба да ни биде приоритет, тоа е мој личен став. Јас ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес“, изјави Шукова по денешната конференција за промоција на новиот Национален катастар за подземни води.

Таа рече дека Владата, во координација со премиерот и со другите министри, повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концеси.

„Повторно ќе кажам, тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, тоа само значи административно спојување на две концесии“, изјави Шукова.

Министерката неколкупати повтори дека во мала држава земјоделството треба да е приоритет. Таа рече дека во Министерството за животна средина не е пристигнато барање за отпочнување постапка за оценка на влијание врз животна средина за рудниците.

„Ако дојдеме до таа фаза, многу сериозно ќе пристапиме на разгледување на студијата, во зависност од тоа каков процес ќе биде понуден за евентуална експлоатација на руда во тој регион. Она што веќе го направивме, во меѓувреме, се консултиравме со професори кои работат на оваа проблематика за начелно да имаме сознанија, тоа е тешка загадувачка индустрија и мислам дека треба сите, вклучително и Владата, да бидеме многу внимателни со овој процес“, рече Шукова.

Протестот е закажан за во 11 часот, а збирно место е раскрсницата кај ГТЦ „Глобал“ – Струмица. Организаторите велат – кој нема да се појави на протестот, не треба да се мачи да се појавува на какви било идни политички собири во југоисточна Македонија.

 

Поврзани новости