Унапредување на стандардот на вработените во одбраната и целосно вреднување на нивниот труд опфаќа новиот Колективен договор за вработените во одбраната и припадниците на Армијата кој денеска го потпишаа министерката за одбрана Славјанка Петровска и претседателот на Независниот синдикат на одбраната Ванчо Исајов, соопштија од Министерството за одбрана.
„Драго ми е што покрај вложувањето во опрема, паралелно ги подобруваме условите на вработените и нивниот стандард, како и нивниот углед во општеството. Ќе продолжам да се залагам сите ваши права да бидат почитувани, а Колективниот договор доследно да се применува. Бевме отворени за сите синдикати кои ги почитуваме во целост, а ја почитуваме и позицијата на репрезентативниот синдикат. Дијалогот продолжува“ – изјавила Петровска.
Како што се наведува во соопштението на МО, министерката се заблагодарила на репрезентативниот Синдикат во одбраната, како и на останатите синдикати за посветеноста и отвореноста во разговорите, што довело до потпишување на документот.
„Ова е свечен чин на потпишување на Колективниот договор. Ја цениме конструктивноста што ја покажавте, имајќи предвид дека најголемиот дел од нашите предлози се прифатени и преку дијалог, дојдовме до овој резултат. Како синдикат, предвид ги земавме сите вработени и особено драго ми е, што со овој договор ги опфативме и службениците во Министерството. Соработката со вас продолжува и во иднина“ – изјавил претседателот на Независниот синдикат на одбраната.