Министерката за одбрана Славјанка Петровска и студентите кои што беа примени на Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата дефинирани како критични специјалности, денеска во Министерството за одбрана потпишаа договори за стипендирање.
„Веруваме во младите луѓе кои се мотивирани и можат да бидат додадена вредност за одбраната и за Армијата. Ги мотивираме и им отвараме нови можности за личен и професионален развој. Денеска потпишавме вкупно седум договори за стипендирање и тоа со двајца студенти кои се едуцираат во областа на географско – информациони системи, тројца на медицина и по еден на компјутерска технологија и на енергетика и екологија “, рече Петровска и додаде дека , стипендирањето е во висина на процент од просечната плата во државата, и изнесува од 30 проценти за студенти од прва година, до 80 проценти за студентите од шеста година на студии.
Министерката потенцира дека по завршувањето на студиите овие лица ќе бидат вработени во Армијата и ќе бидат дел од одбранбениот систем, да работат со најсовремена опрема и услови, да ги усовршат своите знаења и да ги искористат во развојот на македонската Армија и одбраната.
По потпишувањето на договорите со седумте студенти министерката Петровска порача дека министерството направи вистински чекори за пополнување на Армијата со кадар кој е суштински потребен, а притоа го помага и развојот на млади кадри.