Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека наставниците веќе од март идната година ќе добијат околу 12 отсто покачување на платите. Таа рече дека со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) остварила две конструктивни средби и дека било договорено платите да пораснат согласно тоа како ќе се движи бруто-домашниот производ и Колективниот договор.
Таа кажа дека е задоволна што СОНК и наставниците покажале големо разбирање за тоа што Министерството оваа година ќе нема доволно средства во буџетот за зголемувањето да се случи порано.
“Направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата“, рече Јаневска.