Министер со бугарско државјанство во Владата на Мицкоски

by Fokus

Еден министер во владата на премиерот Христијан Мицкоски има двојно државјанство, пишува „360 степени“. Поседувањето двојно државјанство не е забрането со закон, но отвора дилеми за моралните квалитети.

Во биографијата на министерката што ќе раководи со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини пишува дека е родена во Скопје во 1980 година.

Во графата националност декларирала „македонска“.

Има високо образование надвор од државава и работно искуство надвор од државава, меѓу другото, и во групацијата „Руднап“ со седиште во Белград, Србија, каде што била „извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија“ и била одговорна за активности во „Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Македонија, Романија, Унгарија, Кипар, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Грција“.

Според информациите, на ден 6.12.2013 година, кога се правени измени во структурата на компанијата, освен што ѝ е споменато името Sanya Bozhinovska, пишува и дека лицето има матичен број (личен идентификациски број): 38563731070 и број на пасош 382526102, но не на Република Македонија, туку на Република Бугарија. И дека живее на адреса во Белград.

Сања Божиновска, која според биографијата, тогаш работела за компанијата „Руднап“, во Хрватска била пријавена и се идентификувала со бугарски пасош.

А за бугарски пасош, прво е потребно да се обезбеди бугарско државјанство. За некој, пак, да добие бугарско државјанство, треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти.

На прашање на „360“ дали Божиновска поседувала или дали во моментов поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата вели:

„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.

Поврзани новости