Директорот на Управата за санкции, Јовица Стојановиќ, се сложува дека многу земја е ископана од тунелот што го копале за бегство затворениците во КПУ Идризово. Негова проценка е дека од прилика 12 трактори би биле потребни за да се изнесе таа земја од затворот. Поради тоа не е јасно каде завршувала земјата, но Стојановиќ се сомнева дека постепено е фрлана во кеси во депонијата во близина, а потоа со ѓубретарка изнесувана надвор од затворот.
-Минимум 12 трактори би биле потребни. Претпоставувам не е направено во еден месец, туку процесот траел подолг период. Таму нема покриеност на затворската полиција, нема затворски полицаец да ги надгледува осудениците. Факт е дека затворот има слаба екипираност, тоа е слабоста – рече Стојановиќ во Топ Тема на Телма.
Тој исто така се сложи дека условите во затворот не се како што треба. Причината за тоа рече дека е пренатрупаноста.
Стојановиќ потврди дека на 1100 осуденици во Идризово има само еден лекар и еден психијатар кој доаѓа еднаш неделно.