Минималната плата од март ќе биде 20.175 денари

by fokus

Зголемувањето на минималната плата ќе биде за 12,55 отсто, односно истата од март ќе изнесува 20.175 денари. Ова значи дека граѓаните добиваат повисоки плати за над 2.000 денари, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Со измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, се воспостави нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата.

-Секоја година во март минималната плата се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика, и тоа 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата од измината година, посочуваат од МТСП.

Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари, во 2021 на 15,194 ден. Во март 2022 година минималната плата достигна 18,000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари.

Во март месец 2023 година минималната плата достигнува 20.175 денари, што е за над 10.000 денари повеќе. Носиме системски решенија, од кои граѓаните имаат директни придобивки, се вели во соопштението од МТСП.

Поврзани новости