За просечно четиричлено семејство да го преживее месецот потребни му се 50.909 денари, покажуваат последните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија. Толку изнесува минималната потрошувачка кошничка која ги зема во предвид цените на основните производи на едно просечно семејство во Македонија.
Застрашувачки бројки излегуваат ако кошничката се спореди со онаа од пред една година во истото време. Имено, само пред една година на просечно македонско семејство му требале 35.811 денари за да го протурка месецот. Ова е зголемување за 250 евра во рок од само една година што ги става граѓаните во неповолна и неизвесна состојба бидејќи поскапувањата не ги следи зголемување на платите.
Подетално, во јануари годинава биле потребни речиси 20.000 денари за едно семејство да се прехрани, во јануари минатата година за прехрана се трошеле околу 15.000 денари. Годинава околу 13.306 денари се издвојуваат за комунални трошоци, додека за оваа ставка минатата година ова време се издвојувале 11.447 денари. За превоз годинава се трошат 3.679 денари додека лани 2.600 денари.