„Неправда, па тоа е неправда, имаш ти, немам јас“ – со стиховите на групата „Лева патика“ Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија го отвори протестот пред зградата на Владата, од каде упатија повеќе барања.
Синдикалците бараат минимална плата во износ од најмалку 450 евра, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз. Тие порачаа дека после 8 мај, кој и да дојде во владата, треба да ги исполни нивните барања во првите 100 дена.
„Бараме најниската плата да биде иста како таа во регионот односно минимум 450 евра. Исто така, бараме враќање на загубеното право во 2009 година, додаток за храна и превоз“, рекоа од Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Македонија.
Оттаму порачаа дека бараат достоинствени плати за да не мора, како што рекоа, својата егзистенција да ја бараат во Хрватска, Црна Гора или други земји.
„Работниците од занаетчиството бараме измена на законските прописи, даночни и финансиски олеснувања за да може како гранка да опстанеме и да ги сочуваме традиционалните занаети од изумирање од напливот на модерната технологија. Работниците од јавните-комунални претпријатија бараме соодветно вреднување на нашиот труд, исплата на К-15, усогласување на нашите плати со порастот на минималната плата“ – побараа од Синдикатот.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски своето обраќање пред колегите го започна со потсетување дека кој и да седне фотелјите во зградата на Владата ќе има 78 отсто поголема плата.
„На тие што сега ќе седнат во Владата сакам да им порачам да не им текне да го пипнат Општиот колективен договор бидејќи таму пишува дека и ние ќе добиеме просечна плата, а не минимална како сега. Да не им текне да ги пипкаат правата на работниците дали е во приватен или во јавен сектор. Доста работиме за ‘ситна боранија’, за минималец“, рече Деаноски.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека не се задоволни од ниту една влада досега оти, како што рече воделе грижа само за себе.
„Ни покажаа дека само за нив важат правилата во државата, а за нас не. Им порачуваме на оние што ќе дојдат во новата влада дека без нас нема да има социјален дијалог на кој толку многу сакаат да се фалат и дека додколку не седнат заедно со нас и не не слушаат дека ќе имаат проблем соочен со работниците и дека на таков начин ќе покажеме повторно црвен картон“ – рече Трендафилов.
Тој рече дека работниците бараат 450 евра минимална плата уште во првите 100 дена од новата влада, како и враќање на трошоците за храна и превоз.
„Денеска луѓето се излезени за да кажат дека не се задоволни од тоа што ни се случуваше во минатиот период и дека креаторите на политиките треба многу повеќе да водат грижа за работниците и за нивните работнички права“ – додаде тој.