Зајакнување на поддршката за Украина, една година по руската агресија, потребата од заштита на меѓународниот поредок и нормите на кои се темели, ревизија на безбедносната структура, стравувањата за сојуз меѓу Кина и Русија, но и потребата од стабилност во поединечните региони во светот, меѓу кои и Западен Балкан, беа дел од темите на кои се осврнаа учесниците на 59. Минхенска безбедносна конференција вчера и завчера во Минхен.
Безбедноста изминатите два дена беше разгледана од повеќе аспекти во хотелот „Бајеришер хоф“ во Минхен на Конференцијата, која завршува денеска, а на која учествуваат над 450 светски лидери и носители на одлуки на високо ниво, вклучувајќи шефови на држави, министри, лидери на меѓународни организации и невладини организации, како и претставници од бизнисот и граѓанското општество.
Како што јави известувачот на МИА од Минхен, учесниците дебатираа за безбедноста во светло на војната во Украина, но и од аспект на енергетиката, економијата, храната, водата, заштита на животната средина. Хибридните закани и кибер нападите имаа посебен третман на неколку панели, но опасноста од нив беше споменувана во речиси сите дискусии, во кои се правеше анализа на улогата на светските сили, САД, Велика Британија, Германија, Кина денес, како и на улогата на НАТО, ОН, ЕУ, останатите меѓународни чинители во заштита на меѓународниот поредок.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводеше владината делегација на Северна Македонија на Минхенската конференција, во чиј состав беше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, учествуваше на тркалезната маса посветена за земјите од Западен Балкан и важноста од евроинтегративниот процес во услови на новите геополитички превирања.