Владината коалиција има капацитет да отвори политички дијаог со кој ќе се најде соодветно решение за правична застапеност на етничките заедници, откако Уставниот суд ја укина алатката „балансер“, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
-Ова е осетлива тема и не треба да се брза. Сметам дека во рамки на овој процес што е пред нас, треба да се вклучат сите оние кои можат да помогнат да се дојде до квалитетно, содржајно решение што ќе го реши проблемот засекогаш, рече Минчев вечерва во дневникот на Сител телевизија.
На прашањето, каква е постапката со вработувањата по укинувањето на „балансерот“, министерот информираше дека во моментот сите јавни огласи или годишни планови за вработување и унапредување се во прекин.
Тој најави дека во рамки на Министерството за јавна администрација се подготвуваат соодветни насоки како да се постапува понатаму и изрази надеж дека в понеделник ќе излезат со конкретни насоки.
„Инструкциите кои ќе ги дадеме во понеделник ќе се однесуваат на сите огласи, дури и на оние што биле започнати пред времената мерка на Уставниот суд, односно со ,,балансерот” и секако оние институции што не ги засега ,,балансерот”, а имаат веќе започнато јавни огласи или конкурси, рече Минчев.
Во 2023 година, во декември, како последен пресек, имало околу 1.370 институции и 129.000 вработени во јавниот сектор.