Минчев: Промената на формулата во „балансерот“ е почитување на закон, употребата се однесува на резидентното население

by Fokus

Во Владата постои политичка волја за да се направат силни, тешки и болни реформи во јавната администрација, тоа е процес којшто не трае еден ден. Практично реформата во јавната администрација е секој ден, секој месец, секоја година. Самото формирање на Министерството за јавна администрација докажува за политичката волја на владејачката гарнитура, посочи вечерва министерот за јавна администрација Горан Минчев, во гостување на Канал 5 телевизија.

Во врска со Извештајот на Европската комисија во кој е нотирано дека Министерството за јавна администрација нема доволно ресурси, ниту политичка волја, Минчев рече дека Министерството располага со кадровски капацитет од околу 30 до 40 отсто, којшто вистински дава придонес и ги исполнува своите работни задачи.

– Констатацијата е точна дека новото Министерство за јавна администрација има некаде околу 65 до 70 вработени и реално, врз база на петмесечната анализа Министерството располага со кадровски капацитет од околу 30 до 40 отсто, којшто вистински дава придонес и ги исполнува своите работни задачи. Другото работи или малку помалку, или пак помалку, но капацитетите се тие, рече Минчев.

Посочи дека промената на формулата во „балансерот“ е почитување на закон. Децидно стои во законот, вели Минчев, дека употребата на „балансерот“ се однесува на резидентното население, односно населението кое живее на територијата на државата.

– Формулата беше со нерезидентното население од последниот попис од 2021 година. Ние влеговме во Владата како гарантори за почитување на законите и притоа кажавме дека нема да одговараме на партиските шефови, туку ќе одговараме на премиерот за да се покаже институционална одговорност. Во рамки на таквата наша програма, ние инсистираме да се почитуваат законите. Промената на формулата во „балансерот“ е почитување на закон. Децидно стои во законот дека употребата на „балансерот“ се однесува на резидентното население, односно населението кое живее на територијата на Р. Македонија, рече Минчев.

За последните случувања поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, истакна дека бил направен обид за создавање на политичка и безбедносна криза, но, како што рече, МВР имало соодветна реакција.

– Мојот став е дека за тоа имаше одреден сценарист. Се одбра денот којшто е осетлив за една од етничките заедници, а тоа е албанската етничка заедница, прославувајќи го својот Ден на знамето, што е во ред. Таа прослава некои сценаристи, тука мислам на ДУИ, се обидоа да ја претворат во ситуација каде што ќе биде создадена политичка или пак безбедносна криза. Инструирани граѓани, дел од нив и малолетни, во одреден период од таа прослава излегоа со своите автомобили на улиците и го блокираа практично цело Скопје, но такви инциденти немаше само во Скопје, имаше и во Куманово каде што се откорна таблата на српскиот конзулат, каде што се запалија неколку дуќани или пак беа нападнати неколку млади Македонци. За сето тоа, МВР имаше соодветна реакција, што значи државата функционира, кажа Минчев.

Вели реакцијата на претседателот на Движењето Знам – За наша Македонија за употребата на албанското знаме што не е согласно Законот за употреба на знамињата во државата „полека ќе го доведе целото општество да ги почитува законите“.

– Немаме информација дали тие знамиња на голема Албанија се од самата општина или пак се дел од учесниците, но реакцијата на претседателот на Движењето Знам – За наша Македонија, вечерта, за употреба на албанското знаме што не е согласно Законот за употреба на знамињата во државата, полека ќе го доведе целото општество да ги почитува законите. Ова се однесува и на господинот Билал Касами, ако од страна на општината се поставени знамињата на голема Албанија, рече Минчев.

Поврзани новости