Минчев потврди дека ЗНАМ е безгласна буква во Владата, реагира СДСМ

by Фокус

Министерот за јавна администрација од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев, потврди дека и тој и неговата партија се безгласна буква во кабинетот на Христијан Мицкоски, потврди дека како прв човек задолжен за реформите во јавната администрација не е дел од владината работна група, која треба да понуди ново решение по укинувањето на балансерот, со одлука на Уставниот суд, велат од СДСМ.

„Минчев потврди дека ЗНАМ е никој и ништо во Владата на Мицкоски. Минчев потврди дека оваа Влада нема своја автентична политика. Но Минчев потврди дека политиките на Владата на СДСМ не само што биле исправни, туку и го трасирале вистинитиот реформски пат, според европските стандарди. Реформата на јавната администрација ќе се одвива според Стратегијата 2023-2030 и акцискиот план донесени од Владата на СДСМ“, реагираат од СДСМ.

Инаку, Минчев денес изјави дека претходниот извештај на ЕУ нотирал злоупотреби на балансерот кој е укинат од Уставниот суд, па сега со законот за правична застапеност на етничките заедници не смее да се брза. Најважно е, вели министерот, со новото законско решение да нема злоупотреби.

-Ние кажавме дека оние огласи кои беа почнати со балансерот ќе продолжат и оние кои се без балансер исто така продолжуваат. Додека нема законско решение, огласите продолжуваат врз база на знаење – рече Минчев.

Поврзани новости