Министерот за јавна администрација Горан Минчев му порача на вицепремиерот Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување, дека за една година ќе вработат илјадници Албанци во државната и јавна администрација.
Според Минчев, изјавата на Меџити класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.
„Сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци“ посочува Минчев.
Вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор, според Минчев, мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност.
Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација, наведува Минчев во писмената реакција.
Меџити синоќа на партиски настан во Шуто Оризари рекол дека за една година Владата ќе реализира повеќе вработувања на Албанци во државна и јавна адфминистрација отколку што се направени во двата претходни мандати од другите албански политички субјекти.