Балансерот, алатката за вработување на припадници на различни етнички заедници во јавниот сектор, останува на сила, вели министерот за јавна администрација, Горан Минчев во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ). Но, додава, дека тоа не значи дека оваа алатка нема да биде предмет на расправа за евентуално нејзино укинување.
Примената на балансерот неодамна беше повод за препукувања меѓу министерот Минчев кој доаѓа од редовите на партијата ЗНАМ, на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и коалицијата на „Вреди“. Кавгата избир откако Минчев изјави дека според новиот начин на пресметка на балансерот, предвид се зема само бројот на резидентното население, а не и на нерезидентното население од пописот во 2021. Од „Вреди“ остро реагираа на ваквиот потег на министерот за јавна администрација, обвинувајќи дека кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиалбанска доктрина.
Говорејќи на оваа тема во интервјуот за РСЕ, Минчев вели дека во овој момент не може да се шпекулира што ќе случи со балансерот. Сепак, аргументирајќи во одговорот на прашањето дали тој ќе се укинува, бидејќи, како што кажа неодамна алатката се злупотребува, министерот се повикува на скрининг извештајот на Европската Унија од 2023 година.
„Се вели (во извештјот) дека намената на балансерот за којашто е создаден практично не се исполнува, односно балансерот се злоупотребува. Јас и досега кажав дека во минатото балансерот бил предмет на злоупотеба, односно имаме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на други етнички заедници, што значи балансерот практично веќе ја губи својата намена за што е создаден. Во овој момент се применува законското решение. Се додека нема друго законско решение на сила останува примената на балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор, но тоа не значи дека нема да биде предмет за расправа за евентуално укинување на таа алатка“, вели Минчев.
Тој говори и за реформите во јавната администрација кои како што беше најавено треба да резултираат со намалување на администрацијата. Во врска со ова прашање, Минчев вели дека овие реформи треба да бидат предмет на сеопфатна анализа, бидејќи, како што наведува во интервјуто, јавната администрација како столб на една држава треба да биде квалитетна, добро едуцирана и системски поставен. Неизграден систем во таа насока, според министерот, значи непостоење на една држава.
„Ние влеговме во еден процес на дебата за едни закони, но тој процес треба да биде солиден и сеопфатен, во којшто треба да бидат вклучени сите институции коишто ги засега и јас се надевам дека во многу брз период ќе следат силни реформски процеси коишто ќе бидат директно презентирани во јавноста“, најавува Минчев.
Околу прашањето за неефикасноста на админстирацијата и каде лежат причините за тоа, ресорниот министер кажува дека има институции во државата каде бројот на вработени е преголем и дека можеби 30 до 40 проценти од админстративците вистински ги исполнуваат своите работни задачи.