Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата со статистички податоци за кривични предмети од областа Корупција за 2019 година, при што беше задолжено Министерството за правда да продолжи да презема активности за редовно користење на системот за собирање и обработка на статистички податоци за следење на предметите за случаите на корупција.
– Преземањето активности за развој на систем за следење на предметите за случаите на корупција и генерирање статистички извештаи за мониторинг на анти-корупциската политика е во согласност со десетте принципи за унапредување на борбата против корупцијата во земјите кои пристапуваат, земјите кандидати за членки на Европската унија и други трети земји. Статистичките податоци кои ги собира Министерството за правда се користат за ажурирање на материјалот со кој се известува Европската комисија и да послужат за натамошна анализа на состојбите со ефикасноста правосудните и другите органи во постапувањето по предметите за случаите на корупција, соопштуваат од Владата.
Според статистичките податоци, во 2019 година, ново-оформени биле вкупно 41 предмети за кривични дела од областа корупција, во кој број се вклучени и предметите за случаи на корупција од висок профил.
Во 2019 година, во предмети за кривични дела од областа корупција биле издадени 17 наредби за спроведувања истрага и доминира бројот на евидентирани предмети за случаи на корупција во јавни набавки. Истата година, евидентирани се вкупно 9 нови предмети за случаи на корупција од висок профил и сите тие во текот на 2019 година се статус „Во тек“. Истата година биле подигнати вкупно 10 обвинителни акти, а донесени се 10 пресуди, од кои една пресуда е ослободителна.