Емотивна приказна во која уште еднаш се потврдува приврзаноста на животните кон човекот, деновиве ни доаѓа од Пробиштип. Станува збор за Милка Трајкова и нејзиното кученце Мими, кое откако жената ја скршила ногата, а потоа и се јавиле и други здравствени проблеми и останала врзана за кревет, не се дели од неа.
За Мими сега се бара дом, бидејќи Милка не може повеќе да се грижи за неа, а Крсто Трајков, кој е брат на починатиот сопруг на Милка, за ,,Фокус” ја раскажува целата приказна.
-Милка е моја снаа, и целиот работен век го помина во Германија. Брат ми почина, таа си дојде во родниот Пробиштип, а единствениот син кој го има, не одржува контакт со неа.
За да си ја скрати осаменоста, пред околу три години таа ја зеде Мими, кученце со среден раст, кое многу бргу се приврза кон неа, и постојано двете беа заедно.
Милка многу добро се грижеше за кученцето, го чува дома, го бањаше, редовно го вакцинираше, тоа и беше другарче на стари години. Но, се случи лоша работа, таа ја скрши ногата и работите тргнаа на лошо. Се јавија компликации, во кревет е, не може повеќе да се грижи ни за себе, а не пак за Мими.
Јас и сопругата ја презедовме грижата за Милка, моментално се грижиме и за кученцето кое не се дели од нејзиниот кревет, како да знае што се случува и постојано тагува. За да му овозможиме добар живот, моравме да побараме семејство кое ќе сака да го вдоми, да се грижи за него како што треба, да го носи на прошетки…
Замолуваме кој што е спремен да го земе ова мило кученце, да ни се јави, раскажува Крсто.
Додава дека тој целиот живот дома чувал мачки, имал три ќерки кои исто така во своите домови имале мачиња, и само поради тоа не можел да ја однесе Мими дома. Вели дека се обидел, но мачката веќе била возрасна и не можела да се прилагоди на кученцето.
-Милка и Мими се олицетворение на изреката дека кучето е најдобриот пријател на човекот. И двете си беа друштво една на друга, но ете, животот е непредвидлив. За жал, мора да се разделат, а Мими заслужува добро семејство кое ќе и даде љубов и грижа.
Многу е мирна, свикната на живот во домашни услови, се надевам дека ќе се најде некој кој ќе и пружи шанса, раскажува Крсто.
Доколку некој сака да ја вдоми Мими, може да му се јави на Крсто на мобилниот 070 674 210.
Вики Клинчарова