Пратеникот Антонио Милошоски во своето обраќање во Собранието а по однос на францускиот предлог, рече дека во моментов нема никакви гаранции дека и покрај направените концесии, државата Македонија ќе стане членка на Европската унија. Помеѓу државите членки во ЕУ нема реален консензус за зачленување на шесте држави од Западниот Балкан и нивно полноправно членство.
„Недозволиво е внесување на механизам за следење или спроведување на преговорите поврзани со протоколот, со заедничката историја, преговарачката рамка или заедничките извештаи. Во ваков случај, тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот во диктат од едната страна, за нејзини важни политички или историски прашања и би го засенил процесот на европеизација и стандарди за кои вие тврдите дека се залагате. Македонија е веќе членка во ОН, таму никој нема ставено дополнителна изјава. Македонија веќе е членка во Советот на Европа одамна, таму никој нема дадено дополнителна изјава зошто Македонија би прифатила да има дополнителна изјава во однос на Европската унија. Затоа сметам, дека ова е една замка која ќе биде чекор напред кон продолжување на остварувањето на она што е зацртано во бугарската декларација за која што ве предупредивме ние во 2020 година, но вие тврдевте дека не постои, а потоа тврдевте дека е незначаен дел од нивниот записник во Европската унија“, рече Милошоски.