„Јас најпрво би сакал да изразам едно изненадување што техничкиот премиер Талат Џафери почнал да следи социјални мрежи. Речиси и да немаше интервју во кое што тој не потенцираше дека тој не е фејсбук политичар, тој не е твитер политичар, нема фејсбук, нема твитер, не следи социјални мрежи итн. Сега гледаме одеднаш забележал како двајца министри во неговата Влада објавиле статуси на ФБ кои што не му се допаѓаат на техничкиот премиер“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Милошоски му честита на техничкиот премиер што напреднал и започнал да ги следи социјалните објави на политичари.
„Во оваа Влада, која што себеси се нарекува европски фронт, не се знае денес кој е луд, а кој е збунет. Оваа Влада се нарекува европски фронт, но очигледно е дека е фронт на корупција и криминал. Фронт во кој што се борат секој за својата позиција и секој за повеќе тендери“, нагласи Милошоски.
Тој рече дека до пред десет дена Џафери бил убеден дека овие двајца министри се најдобриот избор за тие министерски позиции, а сега предлог за нивно разрешување, врз основа на објавени ФБ статуси.
„Да биде уште поконтраверзно тој самиот напомена дека не гледа некакви суштински забелешки во работата на овие министри кои што ги предлага за разрешување“, рече Милошоски и праша дали за десет дена овие министри од проевропски станале проруски.
„Не знаеме во европскиот фронт кој која страна ја има фатено, каква грешка има направено, и што е тоа што ги обединува овие луѓе во власта. Но, тоа што го забележуваме е дека во власта досега ги обединувале тендерите, набавките, корупцијата и провизиите. На првата кавга кога забележаа дека постои реална основа оваа власт да падне и да биде сменета тогаш стравот почна да ги разединува токму затоа што ќе го изгубат она што ги обединуваше, а тоа се тендерите, набавките, корупцијата и провизиите“, рече Милошоски.
Пратеникот напомена дека во оваа кавга на Артан со Таравари, и во ова танго на Талат со Зијадин Села за жал Ковачевски и СДСМ се уште се само неми статисти.