Случајот на Специјалното јавно обвинителство е политички со цел да се дефокусира јавноста, вели за Телевизија 24 пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски откако СЈО го објави случајот „Моќник“ во кој осомничен е токму тој.
„Се работи за политички инспириран случај со цел да се покрие и дефокусира „Монструм“, двојазичноста и доаѓањето на Коѕијас“, вели Милошоски.
Специјалното јавно обвинителство предмалку информираше дека отвора истрага под кодно име „Моќник“ против неколку лица, меѓу кои еден актуелен пратеник и поранешен градоначалник на Македонски Брод.
Тие се товарат за кривичните дела измама и злоупотреба на службена положба при незаконска продажба на државен имот на територија на општината, со што, според СЈО, направиле вкупна штета во износ од 50.000 евра.
Како што појасни специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, станува збор за дом во селото Ижиште во Македонски брод, кој со одлука на општинскиот совет му била продадена на таткото на првоосомничениот пратеник.
Меѓутоа, спроед неа, пратеникот и градоначалникот ги довеле во забуна советниците дека продаваат општински имот кој му бил доделен на користење на таткото на пратеникот на 30 години од претходниот совет, со цел да прави бизнис, а не имот во сопственост на РМ.
Во овој објект всушност била сместена администрацијата и градоначалникот на соседната општина Пласница, која со продажбата на имотот практично останала без простории.
Затоа, како што рече Фетаи, градоначалникот Исмаил Јахоски се обратил до владата, која формирала комисија што констатирала низа неправилности во продажбата.
Иако Комисијата го задолжила градоначалникот на Македонски брод да поднесе тужба за продажбата, сепак, тој не го направил тоа.
Исто така, Фетаи истакна дека ваквото однесување на Јахоски предизвикало гнев кај првоосомничениот пратеник, кој ја злоупотребил позицијата како претседател на парламентарна комисија да нарача инспекциски контроли во компанијата на Јахоски – Пуцко Петрол.