„Од власта ја верглаат темата за уставни измени бидејќи немаат полиња со успеси. Ако зборуваме за образование нема учебници, ако зборуваме за пензионери има незадоволство, ако зборуваме за финансии има презадолженост, ако зборуваме за општини има слаби дотации и поддршка за општините. Немаат други теми, а уставните измени вакви какви што се под уцена од трета држава немаме намера да ги гласаме и остануваме на тој став“ изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за утринска емисија за Канал 5 тв.
Тој во однос на изборите потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ предлага пристојно решение, тие да бидат во заеднички термин, односно вториот круг на претседателските избори да се поклопи со парламентарните избори и за тоа постојат три причини.
„Да не се трошат големи средства, по 9-10 милиони евра чини еден изборен циклус, второ да има поголема излезеност да нема уставна криза бидејќи изборот на претседател бара цензус од 40% и тоа не е така лесно да се достигне со овие феномени на послаб наталитет и голема миграција и третата причина е што сметаме дека на заеднички избори би и заштедиле на државата време бидејќи сите институции, општини, болници претпријатија, установи кога има изборен циклус се во грч бидејќи има одредени забрани за набавки. Ако има заеднички избори, тој циклус ќе заврши до 8 мај, наместо да биде државата во грч до Илинден“ – нагласи Милошоски.
Во однос на проширувањето на ЕУ за полноправно членство, тој посочи дека во моментов не е приоритет за повеќе земји членки на ЕУ и затоа Македонија треба да се посвети на домашните задачи.
„Скептик сум дека до 2030 година не само за Македонија, туку и дека некоја друга земја од регионот, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, БиХ дека би станале полноправни членки. Затоа нашите сили треба да ги насочиме кон подобрување на општеството и системот во Македонија и да ги зајакнеме сите можни врски за искористување на оние дадени можности за претпристапна помош со ЕУ и од нив да побараме да бидат искрени кон регионот, дали имаат можност и желба за нови членки или сакаат интегрирање без зачленување“ – изјави Милошоски.