За работните групи што СДС ги формира да имаат смисла, партијата мора да каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време. Ова го изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Првиот предлог кој го даде претседателот на ВМРО, Христијан Мицкоски е: Преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ. И така би добиле како држава гаранција дека и Бугарија ќе биде активно заинтересирана за наше вклучување во ЕУ и дека Македонија ќе добие одредена извесност дека нема да има понатамошни бугарски ирационални блокади.
Вториот предлог што го даде ВМРО-ДПМНЕ е предвремени избори оваа есен, при што дадени се три датуми за кои што СДС би требало да размислат кога би се одржале во септември или октомври, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија, со тоа што ќе се гарантира многувековниот идентитет, но истовремено ќе се дадат и осигурувања дека државата повторно нема да ги има секоја година ирационалните блокади од Бугарија“, вели Милошоски.