Милошоски: СДС би биле пресреќни да нема избори

by Fokus

СДС би биле пресреќни воопшто да нема избори, кој датум и да им го понудиш не им чини и не го прифаќаат, за нив ако може никогаш да нема избори, тогаш би биле најсреќни, вели Антонијо Милошоски во денешното гостување на радио „Лидер“ во однос на неприфаќањето од страна на власта организирањето на заеднички двојни претседателски и парламентарни избори.

Според Милошоски има многу сериозни причини зошто би требало да има заеднички претседателски и парламентарни избори, особено во вториот круг на претседателските избори.

„Прво, економски исплатливо е да не се трошат два пати по 10 милиони евра, да се заштеди на буџет кога имате незадоволни пензионери и немате учебници во образованието. Второ, да не влезе државата во уставна криза. Минатите претседателски, цензусот на излезеност беше 46% проценти. Според последниот попис имаме 9,6% помалку резидентно население од претходниот попис и тоа за 2021 зборувам, во 2024 година бројката веројатно ќе биде уште помала заради овој феномен на миграција и поврзан со феноменот на намален наталитет во изминатите 20 години. Затоа, само претседателски избори значи ризик, незадоволство кај народот кој што дел од гласачите би го искажале и со не излегување на избори, дел од нив се и реално отсутни и не можат да гласаат и можеме ад се доведеме во ситуација, навистина, да имаме не избран претседател“, истакна Милошоски.

Како трета причина за организирање на заеднички избори, Милошоски наведе да нема месечен грч на институциите, затоа што, како што објасни тој, кога има избори стапува на сила изборниот законик, намалена е функционалноста, набавките, дејствувањето, огласите и други надлежности на институциите и доколку имаме заеднички избори ќе почне кампањата некаде од јануари-февруари и ќе заврши до средината или крајот на мај, а ако имаме раздвоени избори тоа ќе трае и државата ќе биде во грч, ќе страда и стопанството и услугите кон граѓаните, додава Милошоски.

Во однос на можноста ВМРО-ДПМНЕ да седне на заедничка маса со владејачката коалиција да се договорат за датумите за избори, Милошоски потенцираше дека партијата е спремна со аргументи и со тим за преговори да седнат и да изнајдат решение во интерес на државата и граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ е спремна во секое време да седни и со аргументи и со тим за преговори да седне на заедничка маса со владејачката коалиција и да договориме заеднички датум за претседателски и парламентарни избори, и според нас вториот круг на претседателските избори, рационално, економично и државнички и ќе не заштити од уставно политичка криза ако се совпадне со првиот и единствен круг на парламентарни избори. Дали тоа ќе биде 6 мај, дали ќе биде 7 мај или осми мај не менува многу, битно е дека има можност овие избори да бидат заеднички, а гледаме дека власта бара изговори зошто да не бидат. Затоа сметам дека власта бега од избори, дали сакаат да довршат некои тендери, дали желбата им е на ДУИ, никогаш немале по сервилен партнер од СДС, па да ги искористат за уште два, три, четири месеци“, рече Милошоски.

Поврзани новости