Милошоски: Политичката драма во Бугарија трае предолго

by fokus

Политичката драма во Бугарија трае предолго. И на овие избори нема убедлив победник, а во составот на новото собрание влегуваат три партии кои се радикална десница. Добро би било во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на еден рамноправен начин, оцени вечерва потпретседателот на Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

„Предолго трае оваа политичка драма во Бугарија и на овие избори нема убедлив победник, туку дополнителна фрагментација. Оваа ситуација ќе биде уште покомплицирана, бидејќи во составот на новото Собрание во Бугарија влегуваат три политички партии кои се радикална десница односно антиевропски настроени. На Македонија, за понатамошни преговори со Бугарија, ѝ одговара стабилна влада со две партии“, истакна Милошоски во гостување во централниот Дневник на Сител во „Тема на денот“.

Според него, проблемот во Македонија настанал кога во Бугарија имало стабилни влади „но за жал, претходната Влада во Македонија прифати услови со кои создаде пречка за сите идни влади во Македонија“.

„Затоа сметам дека со потпишувањето на тој фамозен втор протокол од страна на поранешниот министер Бујар Османи заедно советуван со Ковачевски, Маричиќ и другата група раководители на надворешната политика, го направија најголемиот проблем кога дозволија Македонија да влезе во лавиринтот на билатерализација на историски прашања како пречка на патот кон ЕУ“, рече Милошоски.

Тој истакна дека планот на владата за одложени уставни измени звучи логичен и наидува на разбирање кај голем дел од соговорниците во ЕУ.

„Според мене, она што беше добиено како порака од посетите на владината делегација во Берлин е дека сепак македонскиот план звучи логично, има аргумент и истиот наидува на разбирање кај поголем дел од соговорниците во рамки на ЕУ, но мора да се напомене дека за истото треба да даде согласност и официјална Софија, затоа би било добро во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на еден рамноправен начин“, посочи Милошоски.

Поврзани новости