Милошоски: Има незадоволни пратеници од власта кои се за предвремени избори

by Fokus

„Во Собранието постои комуникација помеѓу сите политички партии, она што сме го забележале во Собранието е дека одредени пратеници кои припаѓаат на владејачката коалиција веќе праќаат сигнали дека се незадоволни од начинот на кој се управува Македонија особено од страна на извршната власт и испратените сигнали до нас како поголема опозициона партија е дека некои структури внатре и во СДСМ и ДУИ размислуваат за можни предвремени избори како опција за тестирање на легитимитетот кај граѓаните”, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија Сител во „Тема на денот”.

Милошоски потенцираше дека одредени пратеници од СДСМ веќе се под притисок од страна на извршната власт.

„Одредени незадоволни пратеници од страна на СДСМ кои предвремените избори ги гледаат како опција веќе добиваат повици од повлијателни фигури во извршната власт за да го преиспитаат своето мислење односно се под благ притисок да го сменат мислењето за предвремени парламентарни избори”, рече Милошоски.

Тој посочи дека инцијативата за интерпелација на владата не е исклучена.

Милошоски смета дека има пратеници од СДСМ кои би поддржале таква интерпелација за недоверба на владата но истовремено смета дека дел од тие пратеници последните денови се под одреден притисок на луѓе од извршната власт да го променат своето мислење или барем да се воздржат.

„Според мене премиерот има еден голем хендикеп по однос на оваа тема. За сегашниот премиер Ковачевски не гласал ниту еден граѓанин на Република Македонија за тој да биде премиер. Второ, и кога стана премиер, во првото експозе немаше ниту една реченица поврзана со потреба за измени на Уставот. За потоа откако дојде притисокот од страна на соседна Бугарија го прифати и сега го промовира како негова ултимативна опција. Затоа сметам дека премиерот треба крајниот рок за било какво разгледување или унапредување на Уставот или измени на Уставот да го смета денот на изборите, кога граѓаните ќе се изјаснат за секоја политичка опција врз основа понудените програми вклучително и ова прашање”, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.

Милошоски додаде дека обврската за промена на Уставот сами ја прифатиле Ахмети и Ковачевски.

Тој посочи дека доколку Владата смета дека ова е патот кој што води кон прогрес и она што Ковачевски го кажува дека оваа Влада има добар перформанс, економски, во образование, во земјоделие, во други области, тогаш треба да излезе на избори. Да не се плаши Ковачевски од избори, бидејќи се гледа дека тој не излегува ниту на ТВ дуел, а не пак на избори. На избори Ковачевски нека каже на јавноста што направил, кои обврски ги превзел и така нека одлучат граѓаните за кого ќе гласаат.

Милошоски посочи дека во Македонија нема дилема дека најголемиот дел и од граѓаните и од политичките партии имаат евроатланстка ориентација.

„Но, проблемот е што одредени политички структури таа геостратешка ориентација ја злоупотребуваат за превземање на обврски кои што не се дел од европската агенда. Затоа што билатерални прашања не може бесконечно да имаат приоритет пред Копенхашките критеиуми и стандардите во сите области за европеизација на државата“, изјави тој.

Поврзани новости