Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следните денови ќе го анализира новиот предлог закон за јавно обвинителство, а во текот на следната недела се очекува да биде договорен термин за средба со претставниците на владиниот тим односно СДСМ и ДУИ и размена на аргументи.
Антонио Милошоски, од работната група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека иако до распуштањето на Парламентот има помалку од еден месец , постојат одредени шанси, ако тоа се постави како приоритет, да се постигне согласност за законот за јавното обвинителство.
– Во текот на вчерашниот ден добивме предлог закон од страна на владините коалициони партнери СДСМ и ДУИ за јавното обвинителство. Ова е веќе четврти текст – предлог закон за јавно обвинителство, со поинаков текст од претходните три и од оној кој се уште е во собраниска процедура. Би било коректно од собраниското мнозинство доколку овој предлог закон кој што е во собраниска процедура да го повлечат за да можеме да разговараме за новопредложениот, рече Милошоски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во опозициската работната група за законот, вели дека од она што можел да го види во преодните и завршни одредби на предлогот, повторно се остава еден законски обид за тимот на СЈО да биде „удомен“ на некој начин во тимот на обвинителката Вилма Русковска.
– Законот за јавнообвинителска служба и законот за плати на јавните обвинители е прилично јасен, не може ниеден обвинител без разлика каде бил ангажиран да добие повеќе од 35 отсто надомест од неговата основна плата, а видовме дека сите обвинители кои работеле во СЈО добивале по астрономски суми, околу, 70, 80 или 100 илјади евра и за таков прекршок треба да се поведе во најмала рака дисциплинска постапка, и цениме дека не би требало овие лица да бидат овласетни или наградени со некоја повисока позиција во јавнообвинителскиот систем или, пак, да бидат привилегирани во споредба со нивните колеги обвинители, рече Милошоски.
Изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, Милошоски рече дека ја толкуваат како изјава која ја демантира министерката за правда рената Дескоска дека носењето на овој закон не е неопходно.
– Се гледа дека погрешила во нејзината проценка и ние стоиме на располагање да создадеме услови за поширок консензус, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.