Пратеникот Антонио Милошоски, неговиот татко Милош Милошоски, поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, и дел од членовите на комисијата, наскоро ќе седнат на обвинителна клупа, бидејќи судот позитивно го оцени обвинението за “Моќник”, дознава “Фокус”.
Информацијата за “Фокус” ја потврдија и од Кривичниот суд, додавајќи дека обвинението е прифатено во целост. Наскоро, преку АКМИС системот ќе се одреди кој судија ќе го суди предметот и за кога ќе биде закажена главната расправа.
Овој предмет го отвори згаснатото СЈО, а обвинението неодамна го поднесоа обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Освен измамата околу нелегалната продажба на објектот во која била сместена општина Пласница, а за багателна цена го купи таткото на Милошоски, со овој случај е опфатена и нарачана лустрација, од тогашниот пратеник Антонио Милошоски. Па затоа, освен за пратеникот, обвинение беше поднесено и за поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.
Споре информациите од обвинителството, Милошоски умислено го поттикнал Аџиев да отвори повторна постапка за лустрација на судијата Драги Билески од Кичево.
Судијата беше лустриран, а потоа и разрешен. Тој, за жал, не дочека своите лустратори да ги види на обвинителна клупа, бидејќи во меѓувреме почина.
Милошоски се гони за две кривични дела, Измама и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Валентина Вурмо