Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на денешната седница на Комисијата за надворешна политика, рече дека бара пратениците да ги добијат класифицираните материјали од кабинетот на Иванов за да се види кој направил велепредавство.
-Тоа е со цел за да се знае кој направил велепредавство, а кој направил добро дело, кој го заштитил Уставот, а кој извршил негово погазување, кој ја ставил Македонија во добра позиција, а кој ја ставил во потчинета позиција кон трета држва. Целта е да се расчистат многу дилеми. Забраната, од друга страна, да им биде поделен овој материјал на пратеници создава сомнеж дека власта нешто крие – рече Милошоски на барање на пратеничакта Ивана Туфегчиќ да престане со серијата на кривични дела и да не ја кочи работата на Комисијата
Пратеникот, Илија Николовски, му се обрати на Милошоски и му рече дека сам си пука во нога со тоа што издал државна тајна иако нема безбедносен сертификат. Тој рече дека Договорот со Грција е добар и дека го поздравува целата меѓународна заедница, а дека Димитров е еден од најдобрите министри за надворешни работи на Македонија.
Милошоски се согласи со Николовски за дипломатските способности на Димитров.
-Документите и записниците од средбите меѓу премиерот, претседателот, министерката Шекеринска и министерот Димитров ќе покажат дали биле усогласени или не ставовите по тоа прашање. Какви биле позициите во јануари и во мај. Кој мислел дека треба да се менува Уставот, а кој мислел дека тоа е понижување. По однос на успешноста на Димитров многу добро знам и имам слушнато од премиерот Груевски дека беше многу задоволен кога Димитров беше негов советник и го сметаше за еден од најуспешните советници – рече Милошоски.
Во своето процедурално обраќање Димитров рече дека е ставен во незгодна ситуација затоа што не знае за какви материјали се работи. Како што рече тој на средбите не биле водени белешки.
Предвиденото излагање на Димитров на Комисијата сепак не беше реализирано. Милошоски ја презакажа седницата за во понеделник.