Милошоски ги бара одговорите што ги испрати Македонија до Бугарија

by fokus

Преку писмо бараме од министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ни ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“. Ова денеска го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски.

Во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро или од 26 јануари до 15 февруари годинава.

-Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници, изјави Милошоски.

Ова барање, како што рече, го претставувам денес јавно и од една дополнителна причина, бидејќи министерот за надворешни работи Бујар Османи, иако е скаран со неговиот колега Никола Димитров, сепак минатиот декември покажа дека имаат исти навики.

-Минатиот декември, минатата година му доставивме барање да се обрати пред Комисијата за надворешна политика, но за жал го игнорираше и не се појави, а е негова законска обврска. Затоа сметам дека со порака преку јавноста, освен вака со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност, да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола, нагласи Милошоски.

Поврзани новости