Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски денеска во рамки на 141-та собраниска седница на почетокот рече дека Димитар Ковачевски, кој е дезертер, ќе стане од фотелјата, за да седне Талат Џафери кој исто така е дезертер од АРМ.
Милошоски укажа дека ниту еден од двајцата немаат искрени чувства кон Македонија.
„Еден дезертер даде оставка, другиот ќе седне на фотелјата. Исто како што беше Џафери најлош, така и Ковачевски ќе биде. Пратениците на ДУИ нема пратеници и број на гласови за да избере премиер. Но Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ. Слугите на корумпираната ДУИ, заради коруптивни побуди, македонскиот народ го направија кираџија во сопствената државата. СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија понижувачка ДУИ-зација на државата, ставајќи го на чело на државата, Талат, другарот на Рамиз Мерко и Пуцко Петрол – познатите европејци во Македонија“ – рече меѓудругите Милошоски.
Милошоски ги спомена најголемите коруптивни скандали и скандалозни јавно-обвинителски одлуки на владата предводена од СДСМ и ДУИ, по што напомена дека „ДУИ и СДСМ се `коруптивна Онкологија за Македонија`“.
„За ДУИ поважни се нивните директори од оние кои што ги изгубија животите како жртви на неодговорноста на Талат Џафери и на неговите другари. Модуларната болница во Тетово, 14 жртви одговорноста се изгуби некаде помеѓу кабелот и судските процедури. Онкологија ДУИ и СДСМ покажаа дека се многу сложни кога станува збор за бизнис тендери дури и кога тој бизнис е морбиден и е на штета на најтешко болните пациенти. ДУИ и СДСМ затоа политички кажано претставуваат коруптивна онкологија за Република Македонија. Двајца директори на Онкологија еден од СДСМ еден од ДУИ историски и морбиден криминал со лекови, многу корупција, една позната веледрогерија која што дебело ги подмитувала овие двајца директори и други министри, останаа неказнети, недопрени, без одговорност, само за да се заштитат провизиите за ДУИ и за СДСМ кои што се на прво место а пациентите за нив се на последно место“ рече тој.
По обраќањето на Милошоски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.
Инаку денеска пријавени за збор се 8 пратеници, меѓу нив последен е лидерот на ДУИ, Али Ахмети.