Одложено дејство на уставни измени е рационален аргумент којшто би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а Европската Унија да го менаџира тој процес до конечната цел, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието Антонио Милошоски.
Според него, отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во самата ЕУ постои неизвесност и Унијата нема стратегија за проширување.
-Македонија досега неколку пати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите уставни измени ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство или кон самото членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување, изјави Милошоски на настан на кој беше презентирана анкета од перцепција на јавноста за евроинтеграцискиот процес.
Според него, најавите од премиерот Христијан Мицкоски за барање гаранции од Вашингтон, Брисел и Софија и тоа што го кажал и министерот за надворешни работи е „рационална позиција за Македонија“.
-Не е само како ќе се започне процесот на преговори туку многу е битно завршувањето и целта на тој процес на преговори. Преземената обврска од претходната влада, доколку има можност да се менаџира, би било рационално истата да се менаџира со предвидливост на патот до конечната цел, а тоа се европските интеграции. Бидејќи, како што гледаме, во Македонија постои реално оправдана разочараност од односот на Европската Унија. Имавме веќе еднаш уставни измени за името, каде што земјите членки на ЕУ ветуваа дека Македонија ќе ги отвори портите кон Европската Унија, за следната година да имаме блокада од Франција, а година потоа да имаме блокада од Бугарија. Сметам дека ваквите лоши искуства се доволно силни аргументи Македонија, со право, да побара одредена извесност за патот кон Европската Унија. Бидејќи гледаме дека ЕУ не говори со еден глас, нема сериозна визија за Западниот Балкан и времетраењето на зачленувањето и проширувањето на овие држави, рече Милошоски.