Милошоски без коментар за обвинувањата од Османи, изборот на амбасадори останува замрзнат

by fokus

Пред три дена министерот за надворешни работи, Бујар Османи побара од претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски во најкус рок да ја свика седница на која ќе се претстават кандидатите за идни амбасадори.

„Фокус“ побара информација од Милошоски кога ќе закаже седница на Комисијата, како и коментар за обвинувањата од Османи дека „дрско“ го злоупотребува Деловникот за работа.

Милошоски само кусо одговори: Немам коментар.

Османи во статус на „Фејсбук“ соопшти дека упатил, како што вели, формална ургенција до Милошоски, „веднаш да престане ова бојкотирање на надворешната политика и стратешкиот интерес на земјата, и во најкраток можен рок да биде закажана седницата за одбрана на тезите на идните амбасадори“.

Според Деловникот, седница на работно тело свикува претседателот на Комисијата, односно Милошоски. Ако претседателот на работното тело тоа не го стори, тогаш седницата ја свикува претседателот на Собранието.

Но, бидејќи седницата за амбасадорите веќе беше закажана и прекината, сега Џафери не може да го закаже продолжението, туку тоа може да го направи само Милошоски.

К.С.Б

Поврзани новости