Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, побара одговорност од амбасадорот на С Македонија во Рим, Весел Мемеди, поради тоа што, како што тврди, преку официјална нота ги известил властите во Италија дека и валидните патни исправи на македонските државјани кои се со старото уставно име се неважечки по 12 февруари 2024 година.
Милошоски објави и фотографија од документот кој Мемеди го доставил до тамошните власти.
„Амбасадата на Република Северна Македонија информира дека согласно член 3 од Законот за пасоши (‘Службен весник на РСМ’ бр. 122/21), пасошите кои ја содржат претходната ознака ‘Република Македонија’ издадени до денот на отпочнувањето на примената на овој закон ќе важат до истекот на рокот на важност наведен во пасошот, до 12 февруари 2024 година и по овој датум повеќе не можат да се сметаат за важечки“, пишува во нотата испратена од Амбасадата на РСМ во Рим до министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.
Милошоски обвини дека испраќајќи ваков допис до италијанските власти, амбасадорот постапил спротивно на интересите и правата на околу 100 илјади македонски државјани кои живеат во Италија, особено на правото на слободно движење и на постојан престој и дозвола за работа, што се врзани со валидноста на пасошите.
Нарекувајќи го скандалозен, Милошоски оцени дека случајот е особено сериозен со оглед на тоа што, како што вели, ниту Министерството за надворешни работи ниту Амбасадата немаат право да прогласат за неважечки личен документ кој не го издале тие, туку Министерството за внатрешни работи.