Го прашувам министерот за надворешни работи на Србија, Владислав Јовановиќ, седнат до мене на конференциската маса, зошто Милошевиќ не потпиша кога Спогодбата е добра, како за Србија, така и за Србите во идните суверени држави. „Ако потпише, ќе го убијат кога ќе се врати дома“, ми одговори со спуштен глас.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Еден по друг, претседателите на републиките на поранешната југословенска федерација беа повикани да се изјаснат. Претпоставував дека на поединечните средби, Карингтон успеал да издејствува од нив поддршка за планот. А, сепак, прашањето од милион долари беше каков ќе биде ставот на српскиот претседател Слободан Милошевиќ.
Во моите белешки сум запишал некои покарактеристични црти од излагањата на Милошевиќ, Туѓман и Кучан, главните протагонисти на кризата во Југославија и на текот на конференцијата.
Туѓман заклучува дека „преговараме повеќе од една година и не сме стасале до решение“, но дека „го прифаќаме предлогот затоа што тоа значи излез од воената криза“ и нагласува дека „правни наследници на СФРЈ се сите субјекти што ќе настанат од овој процес“.
Прашува дали nationality значи citizenship и укажува дека ЕЗ препорачува да се избегнува двојно државјанство. Инсистира делот 2.5 насловен како „Специјален статус“ да се однесува на сите републики на поранешна Југославија.
Кучан заклучува дека „Југославија како идеолошка и политичка структура, не успеала да се носи со процесот на демократизација“, се залага за „суверенитет“ на републиките и за „соработка со оние со кои постои заеднички интерес“.
Така, наведува дека е можна зона на слободна трговија или да се создаде царинска унија со група држави… Инсистира европско тело да помогне во создавањето на идните држави, а зборува и за проблемот на „затворено небо“ за прелет на авиони.
НОВА НЕСТАБИЛНОСТ
Земајќи збор, Милошевиќ вели дека „овој документ битно не се разликува од претходниот“ и дека не верува дека Карингтон ќе успее „во своето посредништво ако не ја базира спогодбата на „правото и на правдата“. Забележува дека Југославија е основач на ОН, а тоа воопшто не се спомнува во документот“.
Вели дека „се спомнува правото на отцепување на тие што сакаат да ја напуштат Југославија, но не и за правото да останат на тие што сакаат да останат“. Бара „да им се гарантира континуитет на тие што сакаат да живеат во заедничка држава“. Заклучува дека предложениот документ не води кон стабилност, туку кон нова нестабилност и конфликтност, па затоа, „во сегашната форма“, вели, „ние не можеме да ја прифатиме спогодбата“.
Инсистира на „решение кое нема да се базира само врз правото, туку ќе биде и праведно“. Вели дека спогодбата „го суспендира постоечкиот уставен поредок и ја укинува југословенската држава, која постои седумдесет години“.
Продолжува со тврдењето како „таква одлука можат да донесат само луѓето што ја создале Југославија, и тоа на референдум“, и дека „ниту еден учесник на конференцијата нема мандат да го стори тоа“.
Зборувајќи за прашањето на границите, укажува дека „тие се исцртани административно по војната и не на демократски начин и дека предложените аранжмани ги легализираат унилатералните потези на републиките“. Таквите републики, заклучува, „не се способни да станат независни држави“.
Атмосферата во салата стана крајно напната. Очите на нас седнати околу конференциската маса шетаа од Милошевиќ до лорд Карингтон и обратно.
Карингтон: „Дали јас добро разбрав дека вие не ги прифаќате член 1.1 и 1.2?“.
Милошевиќ: ,,Мислам дека бев јасен“.
Карингтон: „Го прифаќате или не го прифаќате?“.
Милошевиќ: ,,Не“.
Карингтон: „Дозволете да ве потсетам на нашиот заеднички состанок со холандскиот министер за надворешни работи, Ханс Ван Ден Брук...“
Милошевиќ: ,,Ние водевме дискусии дека една од опциите е лабава асоцијација. Сепак, ние секогаш тврдиме дека Југославија постои и дека таа има уставни институции. Луѓето на Југославија се единствените што имаат право да кажат дали државата постои и ние не сме повикани да претпоставуваме дека Југославија не постои“.
Карингтон: „Вие поаѓате од основата дека Југославија постои. Ние поаѓаме од другиот крај на аршинот, дека републиките ја прогласија својата независност. Дали нашите разлики се толку големи? Вие ѝ приоѓате на Југославија од едната страна, ние од другата“.
АТМОСФЕРАТА ЗОВРИВА
Тука Милошевиќ почнува еден долг конфузен монолог во кој објаснува дека неговите „принципи не почиваат само врз правни основи, туку врз реални основи“ и го повикува Карингтон да „излезе од правната рамка“ за да може објективно „да просуди“. Атмосферата на конференцијата зоврива.
На масата, за првпат, покрај претседателите на републиките и нивните министри за надворешни работи, беа и членовите на Претседателството на СФРЈ. Како поддршка на ставовите на Милошевиќ, во дебатата се вклучува и членот на претседателството на СФРЈ Бранислав Костиќ, кој заклучува дека „документот не се прифаќа“.
Карингтон го прекинува, бидејќи, како што вели, „знае дека Претседателството не зборува со еден глас“.
Костиќ: „Дали тоа значи дека ми го одземате зборот?“.
Карингтон:„ Бидејќи зборувате во свое име, не е пристојно да продолжите да зборувате“.
Костиќ: „Јас зборувам во името на четири членови и ги изземам тие што ја бојкотираат работата на Претседателството“.
Работите станаа многу грди. Карингтон, кој не можеше да разбере такво дрско и ноншалантно поведение на конференциската маса во време кога се случуваа свирепи етнички злосторства на територијата на Југославија, целиот зацрвенет во лицето, буквално го избрка Костиќ од конференциската сала.
Ниту ладнокрвниот правник, претседателот на Арбитражната комисија на конференцијата за Југославија, Бадентер, не можеше да остане рамнодушен.
Подлегнувајќи ѝ на тензичната атмосфера, пламна и тој.
„Не можеме да им веруваме на сопствените очи дека нешто вакво се случува во Европа на крајот од дваесеттиот век, во држава која толку многу страдала во текот на Втората светска војна…
Не можеме да им помогнеме на луѓе што не престануваат да пукаат едни во другите… Никогаш нема да барам од моите колеги тивко да се посветат на теоретски правни работи додека прекинот на огнот за кој самите се изјаснивте не се почитува.
Нема да дозволам да бидеме исмејувани… Нема да има арбитража сѐ додека има пукање… Тоа би било исмејување со нас… Ние не сме тука за да организираме мини Хирнбершко судење… Ние можеме на сите заинтересирани страни да им кажеме кои се правните процедури, но вашата судбина е во вашите раце.
Но, дури откога ќе почнете да разговарате, ние ќе можеме да ви помогнеме. Ние не можеме да ви кажеме вам кој е во право, а кој не. Арбитражата може да ви помогне така што ќе ви каже како да решите проблем кога преговорите се блокирани…“.
МИЛОШЕВИЌ ОДБИВА ДА ПОТПИШЕ
Карингтон не попушта. Во својот последен обид да го стави Милошевиќ во „тесно“, ја пушта Спогодбата околу конференциската маса и бара потписи од претседателите на републиките.
Се погледнуваме прашалнички со претседателот Глигоров – ќе успее ли Карингтон да наметне мир. Свој потпис става Туѓман, потоа Кучан, потоа Изетбеговиќ.
Хартијата е пред нас и претседателот Глигоров го става својот потпис врз Спогодбата. Ја додаваме до Булатовиќ, претседателот на Црна Гора, кого го сметаа за „човекот на Милошевиќ“.
На огромно изненадување на сите нас, и тој ја потпишува Спогодбата за прекин на војната и создавање асоцијација на суверени држави. Милошевиќ одбива да потпише.
Карингтон, обидувајќи се да глуми нормалност, заклучува дека петте републики ја прифатија спогодбата и ги повика работните групи, врз база на дискусиите, да изготват финална верзија. „Го имаме скелетот, сега треба да ставиме малку месо врз скелетот“, заклучува тој.
За жал, од нашите напори за мир ќе останат само скелетите на оваа бесмислена војна, која секој ден добиваше на жестокост, радикализирајќи ги домашните политики во републиките.
Го прашувам министерот за надворешни работи на Србија, Владислав Јовановиќ, седнат до мене на конференциската маса, зошто Милошевиќ не потпиша кога Спогодбата е добра, како за Србија, така и за Србите во идните суверени држави.
„Ако потпише, ќе го убијат кога ќе се врати дома“, ми одговори со спуштен глас. Милошевиќ, кого целиот свет го доживуваше како неприкосновениот водач на српскиот национализам, всушност беше станал и негов заробеник!
(Продолжува)