Милошевиќ до Мицотакис: Да ја поделиме Македонија

by Фокус

Години подоцна, во сведоштвото на еден грчки дипломат, директен учесник во разговорот за поделба на Македонија, ќе се покаже дека таква понуда навистина била упатена до Мицотакис од Милошевиќ. Кутиљеиро ја зборувал вистината. Книгата на грчкиот дипломат, преведена на англиски, ја имам во мојата библиотека.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста) (1991-93)

Шестмесечното претседателство на Холандија со Заедницата заврши. Португалија ја презеде функцијата претседавач со ЕЗ. Решение сѐ уште немаше на повидок.

Воените дејствија во Југославија се проширија од Словенија и Хрватска кон Босна. Конференцијата се префрли во Брисел. Тоа беше еден дворец во центарот на градот.

До дворецот имаше некаков депанданс каде што веројатно, во минатото, била сместена послугата, со мали сопчиња, по едно за секоја делегација, во чии ходничиња сега се провираа Милошевиќ, Кучан, Булатовиќ, Изетбеговиќ, Туѓман и Глигоров, заедно со нивните министри за надворешни работи и соработниците.

Немаше веќе церемонијални дочеци на аеродромите, немаше пространи простории за делегациите на републиките, како во Министерството за надворешни работи во Хаг.

Сето тоа стана минато. Имаше само растечка антипатија кон нас самите, луѓе на кои им беше дадена сета поддршка да ги спасат своите народи од војна, а тие го правеа спротивното.

Бестијалностите на војната, секојдневно присутни на телевизиите во Европа, со препорака, како онаа на скандинавските телевизии, дека е пожелно, поради ужасните сцени што ќе следат, децата да се тргнат од пред екраните, го урнисаа целиот наш углед на луѓе во потрага по мир.

И додека на Конференцијата, сѐ повеќе завладуваше начелото „секој за себе“, во европската и во светската јавност, почнаа да нѐ ставаат сите во ист кош, или подобро кажано, во иста канта за ѓубре.

Во такви околности не беше лесно да се сочува личното достоинство и достоинството на народот што го претставувавме.

ИНТРИГА ИЛИ ВИСТИНА?

Господарите на војната, Милошевиќ и Туѓман завладеаја со конференцијата. Седнати од левата и од десната страна на лорд Карингтон, на ручеците во бриселскиот дворец, со зацрвенети лица, Милошевиќ и Туѓман ми изгледаа како усвитени вулкани, кои само што не еруптирале.

На еден таков ручек, седнати на заедничката маса токму спроти нив, португалскиот дипломат и помошник на Карингтон, Кутиљеиро, ја крена белата салвета за да ја покрие устата, се наведна кон мене и прошепоти, покажувајќи со погледот кон Милошевиќ: „Оној, неодамна му предложил на Мицотакис да ја поделат Македонија“.

Тогаш, не можев да знам дали претставникот на ЕЗ ја зборува вистината или се работи за интрига против Милошевиќ со цел да се ослабне неговата позиција. Години подоцна, прочитав во книга од грчки автор, кој бил дел од грчката делегација во посета на Белград, на која Милошевиќ им го образложил планот за поделба на Македонија.

Се разбира, кога станавме од масата, му ја кажав случката со Кутиљеиро на претседателот Глигоров. Во паузата за кафе го забележувам Глигоров како му приоѓа на Милошевиќ.

Разговараат. Претседателот подоцна ми рече дека отишол кај Милошевиќ за да ја провери информацијата, која Милошевиќ ја отфрлил како невистинита.

Не разбирам до денес дали тоа беше наивност на Глигоров, верба во старото пријателство од Југославија или некаква итрина.

Но, како што напишав погоре, години подоцна, во сведоштвото на еден грчки дипломат, директен учесник во разговорот за поделба на Македонија, ќе се покаже дека таква понуда навистина била упатена до Мицотакис од Милошевиќ.

Кутиљеиро ја зборувал вистината. Книгата на грчкиот дипломат, преведена на англиски, ја имам во мојата библиотека.

ОПАСНИ ВРЕМИЊА

Беа тоа исклучиво опасни времиња за сите народи на Југославија, па и за македонскиот. Односот на Глигоров кон опасностите врзани за неговата функција во вакви свирепи и турбулентни времиња, ме ставаше на мисла.

Кога во една пригода, во Њујорк, му реков дека еден човек, обезбедување со него, ми изгледа како недоволно, тој ми одговори: „Види Денко, ако некој науми да те убие, џабе ти е обезбедување, ќе најде начин“.

Во друга пригода, кога го посетив во вилата „Билјана“ во Охрид, забележав еден полицаец долу кај рампата, двајца од неговото обезбедување, кои седеа и разговараа во кујната, која, пак, беше прилично оддалечена  од терасата на која разговаравме ние двајцата.

Во трета околност, заканата за убиство од некаква македонска организација од Австралија, која упати писмо со иста содржина и до мене, Глигоров јавно ја коментираше во парламентот, дека и онака е стар, па ако одлучиле…

Секогаш мислев дека одговорот кон тие што се закануваа по живот треба да биде  дека немаат шанса тоа да им успее поради ефикасноста на нашите тајни служби или нешто слично.

Но, свеста за опасностите што демнеа кога половина Југославија беше во пламен и кој лесно можеше да се прошири и на нас, растеше многу бавно.

Дури и кога конечно се обезбедија инструменти за детектирање на метал на влезот на нашите политички институции, како Собранието на пример, луѓето од безбедноста не стоеја покрај нив, како секаде во светот, туку беа залегнати во дното на просторијата, а пиштењето на детекторот ги развеселуваше и нив, и познаниците, и тие другите.

За волја на вистината, оваа „хај-хуј“ атмосфера, ова комотно и неодговорно поведение владееше насекаде – во сите политички институции и во општеството во целина.

Луѓето како да не сакаа да знаат за опасните времиња низ кои се провиравме: затоа што или не веруваат дека може да се случи војна, или веруваа дека и да се случи, ќе се снајдат некако или од чиста глупост.

(Продолжува)

Поврзани новости