Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков во брифинг за новинарите вели дека „за Бугарија единствено е важно да се обезбеди еднакви права на бугарскиот народ со другите народи во Република Северна Македонија“.
За изјавата на македонскиот претседател, Стево Пендаровски, дека барањето на Бугарија да биде дел од процесот на уставни измени е скандалозно, Милков вели:
„Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус кој на кој било начин е различен од оној на кој било од другите уставно признати делови на народите во Република Северна Македонија. Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата“.
Во врска со почетокот на овој процес, Милков рече дека ги поздравува напорите на РСМ за исполнување на обврските, кои, според неговите зборови, треба да доведат до практична еднаквост на тамошните Бугари.
„Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Северна Македонија за почеток на преговори за членство во Европската унија“, коментира Милков.
Тој посочи дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Македонија.
„Има низа акции кои може да се оквалификуваат како обиди за подигнување на степенот на тензија, со што би се стеснила можноста за мирен дијалог и атмосфера за овие промени“, истакна Милков.