Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков нагласи и дека Бугарија нема да стави ново вето на европскиот пат на земјава, бидејќи, како што рече, тоа не е неопходно затоа што Северна Македонија „не ни почнала преговори“.
– Има јасен критериум. Кога Бугарите ќе бидат вклучени во Уставот – почнуваат преговорите. Тогаш веќе можеме да размислуваме до кој степен ги исполнуваат критериумите. Во моментов тоа не е потребно. Тие имаат јасен услов, тоа е европски услов, ратификуван од нашиот Парламент и прифатен од нивниот Парламент како услов. Можеби затоа што гледаат што произлегува од тие услови, затоа сега таму се создаваат овие тензии, додаде Милков.
Во однос на најавите за забрана за влез во земјава на еден пратеник во Европскиот парламент и неколку други лица од Бугарија, Милков изјави дека доколку се случи такво нешто, тоа би претставувало настан без преседан од повеќе причини.
– Не ми е познато дека досега две земји членки на ЕУ меѓусебно си прогласиле поединци за персона нон грата. Забрана за влез на европратеници во земја кандидат ми изгледа нелогична, додаде Милков.